Жерновски: Сега сме поблиску од кога било досега да ги почнеме пристапните преговори со ЕУ

Жерновски: Сега сме поблиску од кога било досега да ги почнеме пристапните преговори со ЕУ

Како дел од европскиот континент, ние природно припаѓаме и гравитираме кон Европската унија. Европската унија е стратешки приоритет за Северна Македонија од нејзината независност и сега сме поблиску од кога било досега за да ги почнеме преговорите за пристап.

 

Ова го истакна заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, вчера во Братислава на панел дискусијата „Иднината на конвергенција и проширување“, во рамки на дводневната конференција „15-годишнина од проширувањето на ЕУ во 2004: Гледање назад, гледање напред“, организирана од Европскиот политички и стратегиски центар и Директоратот за економски и финансиски прашања (ДГ ЕЦФИН).

Како што соопшти МНР, тој се осврнал на придобивките од процесот на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија за граѓаните, бизнисите и граѓанското општество. Во таа насока, ги истакнал решавањето на билатералните спорови со Бугарија и Грција како предуслов, економските бенефиции од стабилизацијата на земјата, но и од членството во ЕУ како и растот на странските директни инвестиции.

-Постигнавме толку многу, ја зајакнавме мулти-етничката кохезивност во општеството, ја реафирмиравме довербата во државата, довербата во институциите, а постои и промена во политичката култура за инклузивно носење на закони, заедно со опозицијата и граѓанското општество, истакнал Жерновски.

Во своето обраќање, заменик министерот Жерновски зборувал и за реформските процеси преземени од Владата на Република Северна Македонија.

-За да бидеме дел од тој напреден европски свет, мора да работиме на унапредување на нашата демократија преку структурни реформи. За целосно враќање на Северна Македонија на патот кон ЕУ, беа неопходни демократизација на општеството и владеење на правото. Република Северна Македонија ги започна овие процеси и испораката на резултатите од реформите е континуирана и дава видливи резултати, истакнал Жерновски.

Тој накусо ги објаснил Планот 3-6-9 и Планот 18, како и постигнувањата во реформите во правосудството, во безбедносните и разузнавачките служби, борбата против криминалот и корупцијата, и реформата на јавната администрација.

Заменик министерот Жерновски се осврнал и на улогата на ЕУ и земјите членки во забрзување на процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека Владата работи ангажирано и очекува напорите да бидат признаени со датум за почеток на преговорите. Тој посочил, се додава, на важноста на позитивната одлука на Советот на Европската Унија, како за Република Северна Македонија така и за целиот регион.

-Како никогаш досега, сме подготвени да влеземе во наредната фаза, а тоа е почеток на преговорите за пристапување, заклучил Жерновски, стои во соопштението.

Please publish modules in offcanvas position.