Столтенберг: Договорот од Преспа го одблокира патот, но клучни за членството беа реформите

Дваесет и деветте земји членки на Алијансата, Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО го потпишаа пред се поради реформите кои земјата ги спроведе во изминатиот период, особено во сферата на одбрана и безбедноста и на разузнавачките служби. Договорот од Преспа со кои се реши повеќедеценискиот спор меѓу Скопје и Атина за името го одблокира патот, но реформите беа клучни за согласноста на земјите-членки.

Ова го порача денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, која се одржа по денешниот состанок на Северноатланскиот совет со Комитетот за интеграција на земјава во Алијансата, на кој се дискутираше за процесот на интегрирањето на земјата во НАТО.

-Важно е да се напомене дека Северна Македонија постигна реформи, поради што и 29-те земји-членки се согласија да го потпишат Протоколот за пристапување, рече генералниот секретар и тука ги спомена реформите во одбранбено-безбедносната сфера и на разузнавачкиот сектор.

Целта на реформите, додаде тој е да имате стабилни и доверливи безбедносно-разузнавачки институции, кои ќе можат да оперираат и дејствуваат со таквите институции во земјите-членки.

Изрази надеж дека ќе продолжи имплементирање на реформите во сите потребни области, додавајќи оти НАТО високо ги цени овие напори на земјата.

Алијансата, како што рече, очекува и дека ќе се зголемуваат средствата за одбраната и оти буџетот за оваа сфера ќе стигне до најавеното ниво од два отсто од БДП.

Како историска ја означи оваа негова посета на земјата, во која го придружуваше целиот Северноатлантски совет, што е прва посета на највисокото политичко тело на НАТО на Скопје.

-Оваа наша посета испраќа јасна порака – дека сме подготвени да ве пречекаме во семејството на НАТО. Во февруари го потпишавме Протоколот за пристапување и тоа беше историски момент за вашата земја, додаде Столтенберг.

Нагласи дека откако сојузниците ќе го ратификуваат Протоколот, Северна Македонија ќе стане 30. земја-членка на НАТО. Посочи дека по пристапувањето, земјата со својот глас ќе учествува во носењето на одлуките за НАТО и додаде дека овој месец министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе учествува во Брисел на состанокот на министрите за одбрана на земјите од НАТО.

-Нашата политика на отворени врати се покажа како мошне успешна во зајакнувањето на трансатлантската безбедност и наскоро ќе бидете дел од тој успех, рече првиот човек на Алијансата.

Премиерот Заев, кој како голема чест и привилегија го оцени денешниот состанок со Северноатлантскиот совет, истакна дека на него заеднички бил разгледан напредокот на нашата национала структура за интергација во НАТО.

Нагласи дека Владата успеала да ги реши сите отворени билатерални прашања и да ги спроведе потребните реформи во повеќе сфери – да го зајакне владеењето на правото, да ги реформира разузнавачките агенции и безбедносните служби, кои треба да се вратат на својата автентичност и повторно да работат во служба за граѓаните.

-Република Северна Македонија е интегрален дел од трансатлантската заедница и подготвени сме за нов почеток како полноправна членка, рече Заев.

Напомена дека ратификацијата на Протоколот се одвива со забрзано темпо, а Самитот на НАТО во декември во Лондон кога се одбележува и 70-годишнината од Алијансата се гледа како одлична можност симболично да се означи завршницата на интегративниот процес. Напомена дека сепак и доколку не се успее дотогаш да се заврши целата процедура, не е ништо страшно земјата и на почетокот на 2020 да стане 30. членка на Алијансата.

Премиерот Заев, нарекувајќи го Столтенберг негов пријател, му за заблагодари за поддршката и охрабрувањето, што тој постојано ги давал за земјата конечно да биде дел од евроатлантското семејство.

Please publish modules in offcanvas position.