Хан: ЕУ да го испорача ветеното, а вие да продолжите со реформите

Република Северна Македонија заслужува во октомври да добие зелено светло за почеток на преговорите за членство во ЕУ поради сето она што го направи изминатите години во спроведување на реформите, со Договорот од Преспа, но и Договорот за добрососедство со Бугарија. За тоа да се реализира, потребно е и натамошно спроведување на реформите особено во делот на овозможување на владеење на правото преку усвојување на законот за јавно обвинителство и бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот. Притоа, сите политички чинители треба да ја имаат предвид иднината и интересите на граѓаните и државата, порача еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханеес Хан на прес-коференцијата по средбата со премиерот Зоран Заев.

-Тоа е национална цел и сите во државата треба да сфатат дека треба да работат на ова. Секако, постојат дискусии и преговори, но ова сметам дека сите треба да бидат свесни за конечната цел и за судбината на државата. Се надевам дека сите ќе ги поддржат неопходните мерки кои допрва треба да бидат преземени со цел да се постигне она што многумина од нас сакаат да го видат, а тоа е зелено светло за почеток на пристапните преговори, рече Хан.

Тој жали што земјите членки се уште немаат одлучено за отворање на пристапните преговори и што тоа не го направија во јуни затоа што, како што потенцира, земјата постигна успех, испорача се што беше побарано.

– Северна Македонија работеше вредно и време е ЕУ да ги исполни своите обврски. Некогаш мора и ЕУ да испорача, а не само вашата земја. Но, затоа неопходно е да се продолжи со натамошно спроведување на реформите. Сите ние сме свесни и јас сум уверен дека во октомври ова ќе биде завршена работа.Затоа немам други чувства и размисли во врска со тоа. Но, навистина уверен сум дека ќе добиете зелено светло и вендаш ќе може да започнеме со преговорите, рече еврокомесарот Хан.

Мора, смета Хан, да продолжат напорите во оваа област и да се покаже нула толеранција во борба против корупција и организираниот криминал. Земјите членки, додаде, го гледаат овој процес одблиску, но тоа што се прави е пред се за доброто на граѓаните. Владеењето на правото е потребно за тие да имаат доверба во институциите, но и земјата да биде стабилна и политички и економски.

-Она што е клучно за октомври е да се усвои законот за јавно обвинителство кој нуди важни гаранции за владеење на правото. Сега е време сите политички страни да покажат одговорност се во интерес на иднината на државата и граѓаните. Сите треба да бидат фокусирани на октомври, да ги испорачаат потребните реформи и да дадат дополнителен стимул на државата. Во регионот е потребен овој позитивен сигнал да ја вратиме во живот ЕУ перспективата за државите во регионот. Затоа постои регионална, покрај државна одговорност и сите треба да бидат свесни за можноста, но и одговорноста, потенцира Хан.

Премиерот Зоран Заев смета дека земјава заслужува да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ поради тоа што изминатите две години напорно работела на таа цел. Уверен е дека во октомври конечно по 15 години ќе го добие долгоочекуваниот датум за преговори. Во меѓувреме, рече, ќе продолжиме да работиме на реформите за да не и се даде алиби на ЕУ за поинаква одлука. Порача дека власта е отворена за соработка со опозицијата за сите клучни прашања важни за интересот на граѓаните и државата.

– ЕУ лани во јуни даде четири конкретни цели за нашата земја, а тоа е праквосудството, борба против криминалната корупција, реформата во безбедносните служби и реформата во јавната администација. Со извештајот од 29 мај оваа година тоа беше потврдено стопроцентно во делот на исполнувањето. На основа на тој извештај ЕУ носи одлука. Одлуката беше одложена за октомври од технички причини заради европските избори, рече на прес-конференцијата Заев.

Останува, додаде, еден период од јуни до октокмври кој е празен период во делот на оценувањето, но, како што потенцира, земјата треба да продолжи да работи на владеење на правото.

-Се разбира нам ни останува до октомври со искрена и чесна посветеност да ги заокуржиме реформските процеси иако не се бара од нас да продолжиме со исто темпо, со иста динамика особено во завршниците на реформите на правосудниот систем, со новиот Предлог-закон за ЈО за да се поставиме на есен како земја која ги затоврила сите прашња за добивање на ветениот датум за старт на преговорите, рече премиерот.

Тој, како што истакна, му порачал на Хан дека во октомври очекуваме ЕУ да си го одржи зборот и да објави дека земјата може да ги отпочне преговорите по поглавјата за членство во ЕУ.

– На тој начин ќе биде потврдено не самата наша желба и очекување, туку и она што е запишано во Извештајот на ЕК за оваа година дека РСМ е блескав пример како и во заклучокот на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург дека поради ограниченото време и важноста на прашањето Советот ќе се врати на него со јасна и суштинска одлука што е можно поскоро, но не подоцна од октомври 2019 година, потенцира Заев.

Покрај со Заев, Хан за време на посетата на земјава, ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски и лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ Али Ахмети и Христијан Мицкоски.

Please publish modules in offcanvas position.