Тунева: Еснафот не смее да биде исклучен од процесот

Владата вчера најави Акциски план против ширење дезинформации. ДВ отвора дебата и побара став на оваа тема од медиумските експерти во земјата. Пишува Марина Тунева од Советот за етика во медиумите

Владите, граѓанското општество и бројни други страни ширум светот се’ повеќе се загрижени околу ширењето лажни информации, дезинформации и пропаганда, што влијае врз севкупното општествено живеење. Доколку Владата ни покаже и докаже дека станува збор за заложба каде што граѓанското општество ќе има главен збор во овие процеси и дека координацијата со сите значајни актери во борбата со дезинформациите ќе биде примарна, тогаш ќе сметаме дека процесот е инициран на вистинскиот начин.

Нашето општество го каректеризираат длабоки општествени поделби, кои што одредени малициозни актери сакаат да ги употребат и злоупотребат. Токму од причина што дезинформациите се проблем кој има различни корени и причини за создавање, предизвикот за справување со нив не припаѓа само на едно портфолио. Тоа бара соработка меѓу различни актери во рамки на државата, граѓанското општество, медиумите, институциите и бизнис заедницата. Во таа смисла, доколку навистина се спроведе она што го вели Владата, односно дека предлог - акцискиот план ќе биде ставен на дискусија на работни состаноци со институциите, граѓанскиот сектор и медиумите, тогаш работите ќе се движат во вистинскиот правец. Јас дури би рекла и дека сите овие актери треба активно да учествуваат во креирањето на предлог - акцискиот план, а не само во неговото толкување и интерпретација. Улогата на медиумската заедница и граѓанскиот сектор е многу повеќе од набљудувач на состојбите.

Оваа иницијатива во една оптимистичка смисла може да ја толкуваме и како заедничко разбирање дека против дезинформациите не можеме да се бориме одвоено, со поединечно искоренување на малициозното во оваа сфера. Од големо значење во овој процес, не се само институциите или власта, туку и граѓанското општество и независните медиуми.

Во овие процеси од исклучително значење е и саморегулацијата во медиумите, на што сите заеднички ставаме силен акцент, но доброволното саморегулирање на професијата треба да е надополнето со други мерки околу лажните вести и борбата со пропагандата, говорот на омразата, дезинформациите.

Но, мора да се има предвид дека пристапот од врвот надолу ризикува да биде злоупотребен и да се претвори во цензура. Најдобар начин да се справиме со лажните вести е да ја научиме публиката да ги идентификува и отфрли. Во таа смисла, подобрувањето на медиумска писменост е уште една витална алатка за ефикасна стратегија за борба против дезинформациите. Преку подобрената меѓусекторска координација, поддршката за медиумска писменост, ќе бидеме на добар пат да изградиме отпорност кон дезинформациите. Граѓанското општество треба да биде директно вклучено во мониторингот и евалуацијата со цел да се подобри одговорноста на ова поле.

Од друга страна, соработката во оваа сфера може со себе да носи ризик од конфликт на интерес. Одредени политички актери кои имаат корист од ширењето лажни наративи немаат мотив да инвестираат во повисоки новинарски стандарди или проверка на фактите. Ниту, пак, сите бизнис актери имаат голем поттик да дадат приоритет на вистината над профитот. Од суштинска важност е да се постигне рамнотежа помеѓу вклучување на широк спектар на актери и одржување на одговорноста во таквите заложби, со цел да се обезбеди соодветното ниво на политичка одговорност во справувањето со дезинформациите.

Секој обид за регулација вон еснафската заедница може да се сфати како цензура и тука мора да се биде многу внимателен. Законските мерки се прифатливи кога се работи за содржини што подразбираат говор на омраза, клевета, нареда, нарушување на приватноста, поттикнување насилство, омраза или тероризам. Секако, во едно демократко општество мора да се биде внимателен во однос на воведувањето закони одредби за борба против дезинформациите кои можат да бидат злоупотребени и да обезбедат покритие за некои авторитарни режими во иднина да преземаат слични чекори со повеќе злонамерни цели.


Марина Тунева е Извршен директор на Советот за етика во медиумите

Please publish modules in offcanvas position.