Столтенберг во писмо до Спасовски: Сите НАТО сојузници ратификуваа и Протоколот стапи во сила, Северна Македонија е 30-та членка на НАТО

Во писмото што до премиерот Оливер Спасовски пристигна денеска, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пишува дека земјите членки на Северно-Атлантскиот договор ја известиле Владата на САД дека тие го прифатиле и ратификувале Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, потпишан на 6 февруари 2019 година во Брисел, и дека следствено на тоа, Протоколот стапил во сила.

– Во име на сите земји членки, чест ми е да Ве известам и да Ви ја упатам поканата да се придружите на Северно-Атлантскиот договор, пишува во писмото генералниот секретар Столтенберг, соопшти владината прес-служба.

Согласно Членот 10 од Северно-Атлантскиот договор, Република Северна Македонија станува полноправна членка на НАТО со денот на депонирањето на пристапниот инструмент во Владата на Соединетите Американски Држави.

– Дозволете ми да ја искористам оваа прилика и да го изразам моето задоволство, како и задоволството на сите земји членки на НАТО, во однос на претстојното пристапување на Северна Македонија во Алијансата, пишува генералниот секретар Јен Столтенберг во писмото кое денеска е упатено до премиерот Оливер Спасовски.

За писмото денеска преку својот Фејсбук профил информираше и Спасовски.

– НАТО и формално нè извести дека сите сојузници завршиле со ратификација на протоколот за наше членство. Денес, пристапуваме кон испраќање на нашиот документ за ратификација за Вашингтон. Следната недела истиот ќе биде предаден во Вашингтон и со тоа Република Северна Македонија ќе стане 30-та земја членка на НАТО, истакна Спасовски.

-Ова се големи историски моменти. Исполнета е важна стратешка цел за стабилноста на државата и за безбедноста на сите граѓани, додаде Спасовски.

А претседателот Стево Пендаровски денеска ќе го потпише Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија кон Северноатлантскиот Договор.

– Денеска ќе го потпишам Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија кон Северноатлансткиот Договор, претходно парафиран од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, објави претседателот на својот официјален профил на Фејсбук.

Наведува дека потпишувањето на инструментот е финалниот чекор за членството во НАТО.

– Во вонредни околности ја реализираме една од двете најважни стратешки цели на државата – полноправно членство во најголемата воено-политичка организација на светот, додава претседателот Пендаровски во објавата на Фејсбук.

MK 67f94