Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување кон НАТО

Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување на земјава кон НАТО што претставува финален чекор за членството во Алијансата.

– Со овој документ, јас како Претседател на државата, свечено изјавувам дека Република Северна Македонија пристапува кон Северноатлантскиот договор и се обврзува посветено да ги извршува и спроведува сите одредби содржани во овој Договор. Почитувани граѓани, ова е последниот политички чин со кој нашата земја влегува и формално во НАТО алијансата. Вредеше што се вложивме, затоа што на нашите идни генерации им овозможуваме поголема стабилност, безбедност и просперитет. Нека ни е со среќа, истакна претседателот Пендаровски по потпишувањето на Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО.

Инструментот за пристапување претходно беше парафиран од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

– Со овој потпис, го исполнуваме ветувањето кон идните генерации и визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан. Една држава е силна колку што е силна нејзината војска, една држава е силна колку што се здрави нејзините демократски институции, но една земја е силна и толку колку што има пријатели. Со 29 сојузници, од сега па натаму, Северна Македонија е посилна и побезбедна од било кога. Честито татковино, рече министерот Димитров.

MK_25fa3.jpg

Претходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја информираше Владата на Република Северна Македонија дека сите земји-членки го имаат потпишано пристапниот протокол и упати покана за пристапување кон Северноатлантскиот договор.

Please publish modules in offcanvas position.