Помпео: Северна Македонија стана 30.членка на НАТО, на 30 март пред седиштето ќе почне да се вее знамето на земјата

САД денеска од Република Северна Македонија го примија инструментот за пристапување во НАТО, со што Северна Македонија стана 30. сојузничка на НАТО, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Во соопштението се вели дека знамето на земјата за прв пат ќе започне да се вее пред седиштето на НАТО на 30 март.

– Како што кажа и претседателот Доналд Трамп, Алијансата веќе 70 години е заштитник на меѓународниот мир и безбедноста. Влезот на Северна Македонија во НАТО претставува врв на напорите правени во текот на многу години од Владата и народот на Северна Македонија за членство во Алијансата, нагласи Помпео.

Се додава дека членството на нашата земја во НАТО ќе доведе до подобра интеграција, демократски реформи, безбедност и стабилност во целиот регион.

– Членството на Северна Македонија исто така потврдува дека останува отворена вратата и за сите други аспиранти, кои сакаат и можат да ги остварат неопходните реформи потребни за достигање на високите стандарди на НАТО, како и да ги прифатат одговорностите и бенефициите од членството, истакна тој.

Додека НАТО вели добредојде на 30. членка, ние остануваме посветени на колективната одбрана според Членот 5, камен темелник на трансатлантската алијанса, се вели во денешното соопштение од американскиот Стејт депармтент.

MK_7371d.jpg

ШЕКЕРИНСКА: ДЕНЕШНИОТ ДАТУМ ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО УЧЕБНИЦИТЕ НА НАШАТА ИСТОРИЈА, СТАНАВМЕ 30. ЧЛЕНКА НА НАТО

Нека ни е честито. Денеска влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниов ден го чекавме речиси 30 години. Го чекавме, се надевавме, работевме и се жртвувавме. На моменти мислевме дека оваа цел ќе ни остане недостижна. Меѓутоа, покажавме дека кога сакаш, можеш и невозможното да го направиш достижно, порача Шекеринска.

Министерката нагласи дека е вратено достоинството на Армијата, и дека државата покажа посветена грижа кон нашите војници кои сега се НАТО – Армија.

-Тоа е Армијата која сега им возвраќа и на државата и на сите свои граѓани во првите редови на фронтот против опасноста која му се заканува на целиот свет – корона вирусот. Тоа е Армијата која секогаш кога им е потребна на граѓаните ќе застане пред нив во заштита, истакна Шекеринска.

Министерката, на припадниците на Армијата им честиташе и им се заблагодари за учеството во овој историски успех. Таа им се заблагодарам и на поранешните припадници и на сите оние чија жртва и работа е дел од овој успех. Уште еднаш нагласи дека членството во НАТО не го добивме како подарок, туку го сработивме и го заслуживме со многу тешки реформи, но и со видливи резултати.