Декларација на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО

  1. Ние, министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, се среќаваме денес, во состојба на незапаметена пандемија што ги погодува сите сојузници и партнери и наметнува висока цена во изгубени животи, како и неочекуван и силен шок за нашите економии. Изразуваме најдлабоко сочувство до сите жртви на болеста коронавирус (COVID-19) и до сите оние погодени од нејзините последици. Оддаваме признание на здравствените работници, како и на сите други што се во првите редови во нашата битка против овој вирус. Овде спаѓаат мажите и жените во униформа што продолжуваат секојдневно да работат за нашата колективна безбедност. И им благодариме на нашите граѓани што разбираат дека, работејќи заедно, побрзо ќе го поразиме овој предизвик и ќе спасиме животи.
  2. НАТО ја врши својата функција. Сојузниците се поддржуваат меѓу себе – вклучително и со медицински лица, болнички кревети, витална медицинска опрема, како и со најдобри практики и идеи за борба против оваа смртоносна болест. Вршиме воздушен транспорт на клучни медицински резерви насекаде низ светот, суштински материјали и клучна опрема од воени и цивилни извори и го насочуваме нашето медицинско, научно и технолошко знаење и ресурси за да помогнеме во испорачувањето иновативни одговори. Сојузниците, исто така, работат заедно за да осигурат јавен пристап до транспарентни, навремени и точни информации, кои се клучни за надминување на оваа пандемија и борба против дезинформациите. Поради тоа што ни е потребен координиран и сеопфатен пристап, НАТО е во тесна соработка со други меѓународни организации, вклучувајќи ги и Обединетите Нации, Светската здравствена организација и Европската Унија.
  3. Дури и кога правиме апсолутно максимални напори да го запреме, а потоа и надминеме овој предизвик, НАТО останува активно, фокусирано и спремно за да ги изврши своите основни задачи: колективна одбрана, управување со кризи и заедничка безбедност. Нашата способност да ги водиме нашите операции и да гарантираме задржување и одбрана против сите закани со кои сме соочени не е доведена во прашање. Денес донесовме и дополнителни одлуки за зајакнување на улогата на НАТО во соочување со сегашните и идни безбедносни предизвици.
  4. Ја поздравуваме Северна Македонија како 30-ти сојузник на НАТО. Додека се соочуваме со овој незапаметен предизвик, нашите 30 нации стојат заедно во солидарност и трансатлантско единство.

Декларација на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, објавена по нивниот состанок на 2 април 2020 година.