Слета првиот авион со патници на охридскиот аеродром

После речиси четири месеци на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ слета првиот авион, со што и официјално почнува главната летна туристичка сезона на охридско-струшкото крајбрежје.

Со првиот лет реализиран од авиокомпанијата во Охрид „Chair Airlines“ пристигнаа првите патници на редовната линија од Цирих.

Аеродромот во Охрид, како и оној во Скопје, беа целосно затворени за патнички сообраќај од 15 март годинава кога беа воведени посебни рестриктивни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

Новонаметнатата ситуација предизвикана од епидемијата резултираше со откажување на голем број однапред закупени аранжмани на странски туристи во хотелите и приватните капацитети на Охридско-струшката ривиера.

Повторното отворање на аеродромот влева одреден оптизмизам кај туристичките работници во Охрид дека сепак и ова лето во градот и на брегот на Охридското Езеро ќе има странски гости. Во прилог на таквите очекувања одат и најавите на одредени странски тур-оператори дека ќе реализираат дел од предвидените аранжмани оттаму што одреден број туристи не ги откажале туку презакажале плановите за одмор во Охрид.

Веќе во текот на оваа седмица е планирано покрај обновувањето на редовните линии да бидат реализирани неколку чартер летови со туристи од Полска и Холандија.