Судијата Вангеловски на клупа како обвинет

По една година откако беше разрешен, поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски влезе во судница. Но, не како судија, туку како обвинет.

Се соочи со неговата колешка Лидија Неделкова. Обвинет е за злоупотреба на службената положба за неговата одлука да не ѝ исплати додаток на плата на врховната судијка Неделкова. Но, судење немаше. Се одложи оти Вангеловски пред три дена ја примил поканата за на суд. Не бил подготвен, не го видел обвинението и доказите против него, а дојде и без адвокат. Вангеловски одби да зборува пред камера за обвинението.

„Во некоја друга прилика…“, рече Вангеловски.

Вангеловски е обвинет зошто на колешката Неделкова не ѝ исплатил додаток на плата од околу 32 илјади денари. Следното рочиште е закажано за 29 октомври. Инаку, Судскиот совет го разреши Јово Вангеловски лани, а Врховниот суд ја потврди одлуката пред половина година. Причина за разрешувањето беше одлуката од притвор да биде ослободен бизнисменот Сеад Кочан. Вангеловски и уште двајца врховни судии пресекоа дека бизнисменот не треба да оди во притвор иако Кочан беше во бегство, па му овозможија да се брани од слобода.

Мандатот на Вангеловски го одбележа и правното мислење на Врховниот суд, на чие чело беше тој, а со кое на тогашното Специјално обвинителство му ги врза рацете и го прогласи за неовластен тужител за сите случаи кои ги отворија по 30 јуни 2017 – та година.