Вкупно 55 години затвор и пет условни казни за 11 обвинети во случајот „Таргет – Тврдина“

„Обвинетиот Сашо Мијалков го осудувам на единствена казна затвор во траење од 12 години“, рече судијката Џенета Бетковиќ.

Екс началникот на УБК Сашо Мијалков е виновен за децениското нелегално прислушување. „Таргет – Тврдина“ има судска разрешница, а пресудата на Мијалков му донесе и притвор во Шутка. По 15 годиини затвор добија бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски, поранешни тајни агенти во УБК. Екс министерката за полиција Гордана Јанкулоска е осудена на четири години затвор. Тони Јакимовски, десната рака на Мијалков во УБК, доби шест години, а началничката во службата Надица Николиќ три години затвор. Останатите пет обвинети службеници од УБК добија две годишни условни затворски казни.

„Оваа пресуда упатува порака, во иднина, никогаш повеќе било кој висок функционер на власта особено во безбедносните структури на државата, да не се осмели да стори вакво кривично дело, а припадниците на пониските структури навремено да ги откриваат сите злоупотреби на службените лица во безбедносниот сектор“, рече судијката Бетковиќ.

Обвинителството откако во неделата побара куќен притвор за Мијалков, денеска поради опасност од бегство побара тој да оди во Шутка. Причина е финансиската моќ на Мијалков како и регистрираното престојувалиште во Прага и два регистрирани автомобила на негово име во Чешка. Сепак, поради тоа што против него е поднесен обвинителен предлог, а не е обвинение, тој за два месеца ќе излезе од Шутка, ако Апелација не му го укине притворот порано.

„Се води скратена постапка односно по обвинителен предлог каде роковите за притвор се навистина кратки и затоа по објавување на пресудата максималната должина на притворот е 60 дена“, рече Ленече Ристовска, обвинителка.

Адвокатите на Мијалков сметаат дека тој воопшто не ја прекршил мерката куќен притвор за да му биде одреден ефективен притвор, иако и самите тие тврдат дека не знаат каде бил од неделата до вторникот кога сам се пријави во обвинителството.

Прашање: Тоа значи дека на 26 – ти април Сашо Мијалков е слободен човек?

„Максимално да, може да биде во притвор 60 дена, освен ако не се случи Апелација да одлучи пред истекот на тие 60 дена“, рече адвокатот Љупчо Шврговски.

Иако одбраната смета дека Мијалков не ја прекршил мерката куќен притвор, а него сепак го снема и никој не знаеше каде беше, судот побара истрага за овој негов потег.

„Без оглед што е обезбедено присуство на обвинетиот Сашо Мијалков кој беше недостапен и за него беше распишана потерница и тоа централана и меѓународна, очекуваме спроведување на независна и непристрасна истрага за овој настан“, рече судијата Владимир Туфегџиќ.

Обвинителството генерално е задоволно од висината на пресудите за нелегалното прислушување додека одбраната на Мијалков смета дека неговата казна е драконска.