Бас Рапид Транзит системот ќе биде интегриран во јавниот транспорт и ќе има единствена карта, најави Шилегов

Целиот систем за новиот јавен транспорт ќе биде дигитализиран. Картите како такви ќе дадат безброј можности кои што граѓаните ќе можат да ги користат на секој начин.

Ќе може да се купи карта за еден час и да се користат во останатиот систем на ЈСП и Бас Рапид Транзит системот, кој ќе биде интегриран во системот на јавниот транспорт и ќе има единствена карта, рече градоначалникот на Град Скопје на денешната прес-конференција по повод потпишување договор за заем за реализирање на проектот за Бас Рапид Транзит превоз во Скопје.

Шилегов најави дека се очекува во текот на летото да биде распишана постапка за имплементација, а првата релација се очекува да биде завршена некаде кон крајот на 2024 година. Како што кажа, некаде кон 2023 година би била постапката за втората фаза, а целокупниот систем би бил оперативен и во вкупна употреба во 2024/25 година.

– Очекувам дека во текот на летово ќе заврши тендерската постапка која го темели целиот систем. Интервенција во инфраструктурата, онаму каде што е потребна, изградба на депото во Ново Лисиче, Ѓорче Петров, набавка на софтверски систем за имплементација на целокупниот систем, набавка на автобуси, нови станици од затворен тип, најави Шилегов.

Според системот, дополни, нема да можете да влезете во автобусите, ако не ја валидирате картата, со што, според тоа, ќе се намали времето на влез и излез, затоа што патниците кои веќе ќе се наоѓаат на автобуската станица ќе бидат со чекирани карти и нема да се прави гужва во самото возило.

– До таа мера е автоматизиран системот што во затворената автобуска станица на моментот кога ќе застане возилото, во тој момент се отвораат вратите и од возилото и од станицата со цел да имаме таков трансфер, сподели Шилегов.