ЕК сака да се одржат меѓувладините конференции и со Македонија и со Албанија, вели Гир

ЕК сака да се одржат меѓувладините конференции и со Македонија и со Албанија, вели Гир

Европската Комисија има јасна позиција дека сака да се одржат меѓувладините конференции и со Албанија и со Македонија, вели евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир. Сепак, Гир е внимателен со зборовите околу евентуалното исклучување на Македонија од старт на преговори во пакет со Албанија. Тој упати поддршка и да се реши спорот на земјава со Бугарија.

„Во врска со билатералните прашања секогаш ги охрабруваме земјите да работат заедно за да се постигне заеднички прифатливо решение со цел да се продолжи напред. Околу одвојување на Република Северна Македонија од Албанија, мислам дека ова прашање беше покренато повторно при посетата на еврокомесарот Вархеји. Тој повторно кажа дека Европската Комисија работи на тоа да се постигне согласност за меѓувладини конференции за двете земји –Албанија и Северна Македонија, меѓутоа рече дека не сме дојдени до тој момент, се разбира дека одвојувањето е прашање за кое треба да се занимава Европскиот Совет и тука се 27 земји членки кои треба да дебатираат за тоа прашање“, вели Гир.

Според вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, Македонија ги исполнила условите и заслужува напредок. Тој вели дека македонската приказна ќе биде тест дали на ЕУ може да и се верува и во однос на целиот Балкан.

„Нашата битка денес, е всушност битка и на Европа самата со себе. Да си го одржи зборот. Крајно време е да ги почнеме заслужените преговори за членство“, рече Димитров.

Во Европскиот Совет каде одлуките се носат со консензус на сите земји – членки е и Бугарија, со која Димитров се надева дека ќе се изнајде решение иако тоа е реален политички предизвик со оглед на претстојните локални избори во земјава, но и неизвесната политичка ситуација во Бугарија.

„Одлуките што ќе се прекршат околу нас ќе имаат рефлексија врз целиот регион на Западен Балкан. Наше е да најдеме начин, согласно европските принципи, да излеземе на некој начин од овој многу штетен ќор – сокак годинава“, додава Димитров.

Утре вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе го придружуваат премиерот Зоран Заев во Брисел, каде се предвидени средби со раководството на Европската Унија. Заев за време на престојот во Брисел ќе се сретне и со претставници на повеќе земји – членки на Унијата, а оттаму заминува на работни посети во Мадрид и во Атина.