Во август Македонија би можела да прогласи крај на епидемијата

Македонија може да прогласи крај на епидемијата со Ковид19 во август, но само ако трендот на опаѓање на бројот на нови случаи на дневно ниво продолжи со истата динамика како периодов.

Ова е оптимистичката прогноза на министерот за здравство Венко Филипче, кој објасни дека епидемиолошката состојба е стабилна. Сепак, граѓаните треба и понатаму да бидат внимателни да одржуваат дистанца, да носат маска во затворени простории, но и да избегнуваат големи групирања.

Земјава веќе неколку месеци е во зелената зона поради малиот број на нови случаи на алфа вирусот. Експертите велат дека сепак, индиската мутација позната како Делта, која е распространета во 99 земји е непредвидлива и може да ја промени епидемиолошката состојба. Професорот Драган Даниловски смета дека за да бидеме надвор од опасноста од ширење на видот Делта, треба да се вакцинираат 80-85% од популацијата.

До 15 јули се очекува да бидат вакцинирани околу половина милион граѓани, вклучително и сите што досега се пријавиле на веб-страницата vakcinacija.mk. По тој датум, треба да почне теренска вакцинација за граѓаните кои сакаат да се вакцинираат, но кои сè уште не се пријавиле. Професорот Александар Петличковски вели дека има малку шанси лицето кое го поминало вирусот или е вакцинирано да се зарази со индиската мутација.

Од утре се очекува да почне вакцинацијата на граѓаните со пристигнатите 500.000 кинески вакцини Синовак. Се очекува да се имунизираат по 20.000 лица на ден. Инаку, засега кај нас се вакцинираат само граѓани со над 18 години.