Македонија и Грција потпишаа Договор за изградба на интерконектор за природен гас

Македонија и Грција го официјализираа договорот за изградба на Интерконекторот за природен гас.

Ова значи дека за брзо време ќе почне изградба на гасовод помеѓу двете држави. Параф на договорот во Атина денеска стави министерот за економија Крешник Бектеши. Според него, реализацијата на овој проект ќе овозможи земјава да биде енергетски коридор за некои од соседите.

„Ова е важно за економијата во целина, особено за економијата во нашата држава, имајќи го во предвид тоа што ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании. Ќе се намалат цените во делот на природниот гас и ќе ни се даде дополнителна можност да го продолжиме кај нашите северни соседи, во Република Косово и Република Србија“, рече Бектеши.

Министерот за животна средина и енергија на Грција наведе дека проектот ќе донесе придобивки за двете земји.

„Ја надградуваме геополитичката улога на Грција со оглед на тоа дека уште повеќе ја зајакнуваме нејзината улога како енергетски крстопат зашто нашиот национален систем ќе пренесува природен гас во Северна Македонија. Од друга страна на нашиот северен сосед му даваме можност да може да го намали влијанието врз животната средина и да ја постигне енергетската транзиција“, вели Костас Скрекас, Министер за животна средина и енергија на Грција.

Интерконекторот ќе чини 110 милиони евра, а речиси половина од средствата ќе бидат инвестиција на Македонија. Според планираното, проектот ќе се врзе со Транс јадранскиот гасовод кој пренесува гас од Азербејџан.