Викендов внимавајте на пороен дожд, свлечишта, громови

Викендов внимавајте на пороен дожд, свлечишта, громови

Од денеска, па во следните денови ни претстои нестабилно време. Метеоролошката прогноза е дека акумулиран циклон над европските Алпи се спушта над Западен Балкан и може да предизвика поројни врнежи од дожд, лизгања ан земјиште и поплави.

Тоа не го исклучуваат ниту од Управата за хидрометеоролошки работи. Оттаму велат дека лошите временски услови се очекува да траат до вторник, а потенцијално најизразено невреме може да очекуваме во недела и понеделник. Во тие денови акумулираната енергија во атмосферата од високите температури се очекува да биде максимална.

По ваквите предупредувања, Дирекцијата за заштита и спасување распореди екипи на теренот. Специјализирани тимови ги проверуваат најкритичните места на речните корита.

„Следејќи ги сите настани во Германија и гледајќи ја временската прогноза, презедовме оперативни активности. Од вчера ги активираме сите тимови и опремата што ја имаме на располагање за да бидеме подготвени ако треба да излеземе на терен. Тие ќе следат и ќе известуваат каде може да има излевања на реки или влошување на состојбата на нивното корито, каде може да се интервенира со сите тимови и оператори со кои потпишавме на годишно ниво за постапување во случај на природни катастрофи или непогоди“, рече Беким Максути, Дирекција за заштита и спасување.

Властите ги повикуваат граѓаните да избегнуваат непотребни движења викендов. Најдобро е да се стои настрана од критичните точки каде може да дојде до лизгање на земјата, излевања на реки и суводолици, силен ветер и удари на гром.