Училиштето продолжува, досега не станало збор за затворање

Училиштето продолжува, досега не станало збор за затворање

Разни нагодувања и шпекулации за наводното затворање на колеџот „Јахја Ќемал“ во Македонија вчера вознемири најмалку 2.000 семејства, чии деца се запишани и се образуваат во овие институции.

Министерството за образование молчи и безуспешни беа обидите да се добие министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу и неговиот кабинет.

Имено, турската агенција Анадолија објави список со фирми во Македонија што се сметаат за блиски до свештеникот Фетула Ѓулен, противник на Ердоган и кого турската влада го посочува како инспиратор на неодамнешниот неуспешен воен удар во земјата. Според оваа агенција излезе информација кон крајот на јули во која се наведува дека во земјава имало седум такви училишта, а функционирале и фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам. Први на листата, според агенцијата, се основните и средните училишта „Јахја Kемал“ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица.

Суреа Таук, од еден од менаџерите на „Јахја Kемал“ во Македонија, за „Дневник“ изјави дека тие подготвено го чекаат 1 септември и почетокот на новата учебна година и дека имаат одлична соработка со актуелниот министер за образование Лутфиу и дека нема ниту една најава за било какво затворање на училиштето.

- Споменатиот свештеник Ѓулен, нема никаква врска во нашето училиште. „Јахја Ќемал“ е македонски бренд, ние имаме кредити од три банки во земјава за да можеме да работиме, се разбира покрај парите што доаѓаат од учениците. При последната евалвација на училиштето, од можна највисока оцена 4,00 ние имаме 4,00. Досега во ниту еден момент на станало збор за наше затворање оти се разбира за тоа нема причина. Во последно време некои медиуми и портали шират невистини и дезинформации за нашето училиште. Нашето училиште кое веќе 20 години успешно работи во рамките на образовниот процес на Македонија, продолжува со својата воспитно образовна дејност и во оваа учебна година, изјави Таук за „Дневник“.


www.dnevnik.mk