Здружение на млади правници: Измените на Законот за државјанство нема да го решат проблемот со апатридите

Здружение на млади правници: Измените на Законот за државјанство нема да го решат проблемот со апатридите

Македонското здружение на млади правници смета дека со Предлог измените на Законот за државјанство, кои денеска се на второ читање во Собранието, нема да се решат проблемот на лицата без државјанство во Република Северна Македонија и бара итно свикување на јавна расправа.

-Денеска пред пратениците се наоѓа Предлог-законот за измени и дополнувањата на Законот за државјанството на Република Македонија, второ читање, по скратена постапка. Текстот на законот е подготвен во нетранспарентна процедура без увид на јавноста и без можност за какви било коментари, мислења и предлози. Македонското здружение на млади правници како организација која повеќе од 10 години работи на намалување и искоренување на бездржавјанството во Република Северна Македонија, достави барање до претседателот на Собранието Талат Џафери за итно свикување на јавна седница на која ќе се произнесе стручната јавност, информираат од здружението на млади правници.

Тие сметаат дека начинот на кој што е формулиран предлог-законот е непрецизен и не го решава во целост проблемот на лицата без државјанство, кои се заштитени согласно меѓународното право и конвенциите наведени како извори за донесување на овој закон, а дел од предложените решенија се спротивни на текстот на овие конвенции.

-Конвенциите на ОН за бездржавјанство и Европската конвенција за државјанство се однесуваат на добивање на државјанство на оние лица кои немаат државјанство. Прашањето за двојно државјанство согласно Европската конвенција за државјанство е предвидено само во поглед на деца родени во државата, а кои поседуваат државјанство на друга држава, како и за лицата кои склучуваат брак. Иако во јавните говори на предлагачите на законот се потенцира решавањето на бездржавјанството, во предлог законот никаде не се изрично споменати лицата без државјанство на кои би им се олеснила натурализацијата, како што се наведени во член 7-а од веќе постоечкиот Закон за државјанство, велат младите правници.