Пожари на десетина локации низ Македонија, во гаснењето вклучена и Армијата

Пожари на десетина локации низ Македонија, во гаснењето вклучена и Армијата

Шумски пожари беснеат на над десетина локации низ Македонија. Како што имформираат локалните власти и противпожарните служби, шумски пожари има во Ранковце каде се изгорени и куќи, во Кочани каде на две места се зафатени десетици хектари шума, борова шума гори во Делчево и во Пехчево, како и кај локалитетот Кокино, во Старо Нагоричане кумановско.

Пожар има и во села во Македонски Брод, во општина Липково околу Белановце и во скопско. Надлежните од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека се активни 13 пожари, а дека причина за нив се човековиот фактор и топлото време.

Според информациите, пожарите на две локации околу Кочани брзо се шират поради силниот ветер и сувата вегетација. Oгнот брзо се проширил во месноста Сламерник во западниот дел над градот и веќе се зафатени дел од куќите и помошните објекти во населбата Белско Маало, како што информираат екипите на Територијалната противпожарна единица од Кочани.

Тие соопштуваат дека максимално се ангажирани во локализирање на пожарите, а помош е побарана и од соседните единици од Виница и Пробиштип. На социјалните мрежи се објавени десетици видеа и фотографии на кои се гледаат огнените јазици како горат околу куќите во градот.