Одбележан денот на Армијата, орден за воени заслуги за сите македонски мировници кои беа во мисијата во Авганистан

Безмалку 20 години, македонските мировници му помагаа на народот на Авганистан да живее во постабилно опкружување и сето тоа без ниту една жртва од нашите мировници! За професионалноста на нашите војници, нивната храброст и посветеност многумина беа одликувани со високи воени и цивилни почести од претставници на членките на Северноатлантската алијанса.

Ужасните слики кои доаѓаат од таа земја последниве денови не беа можни додека нашите војници заедно со 130.000 мировници од 50 држави од светот беа таму. Затоа донесов одлука да ги одликувам со Орден за воени заслуги сите припадници на Армијата кои беа во мисијата во Авганистан во изминатите две децении. Нашите војници тоа го заслужија.

Ова денеска го истакна претседателот и врховен командант Стево Пендаровски на одбележување на Денот на Армијата – 18 Август. На свеченоста присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, министри во Владата, генерали и дипломатскиот кор во земјава.

Пендаровски нагласи дека Денот на Армијата – 18 Август, најголемиот празник на војската го одбележуваме во година на два големи јубилеи за нашата држава. На 11 октомври ќе прославиме 80 години од почетокот на Народноослободителната и антифашистичка борба низ којашто првпат партизаните создадоа слободна македонска држава. Следниот месец, на 8 септември, ќе одбележиме 30 години од македонската независност. Според него, како заштитници на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Северна Македонија, припадниците на Армијата се живата врска меѓу овие два големи јубилеи и два големи историски потфати за нашите граѓани и држава.

Во изминативе три децении, рече тој, се соочивме со многу внатрешни и надворешни предизвици во безбедносниот, политичкиот и геополитичкиот амбиент. Низ тие циклуси на промени, сите легитимно избрани државни раководства, без исклучок, како што рече, следеа една константа, утврдена уште на почетокот на независноста. А тоа е јасно изразената волја на огромното мнозинство македонски граѓани за целосна интеграција во евроатлантската заедница на демократски држави. Интеграција што подразбира меѓусебна поддршка и помош, но, и заеднички акции со нашите сојузници.

-Во име на таквата коалиција базирана врз заеднички вредности, во 2002-та донесовме тешка одлука да испратиме наши војници во Авганистан, врз основа на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1386. Иако бевме тукушто излезени од внатрешниот конфликт, Собранието во август 2002-та со целосен консензус на сите политички субјекти, без и еден глас против ја донесе првата Одлука за наше учество во меѓународната мисија ИСАФ. Во текот на овие 19 години, над 3.300 припадници на Армијата учествуваа во оваа исклучително сложена меѓународна мисија. Првата ротација ја започнавме како кандидат, а последната ја завршивме како членка на НАТО, нагласи Пендаровски.

Според шефот на државата, ако ја сумираме оваа мисија, јасно е дека без учество во мисијата во Авганистан немаше да станеме членки на НАТО алијансата.

Претседателот Пендаровски донесе одлуки за доделување Повелба на Република Северна Македонија и на Артилерискиот баталјон и на Центарот за странски јазици. Потсети во изминатава година Артилерискиот баталјон во состав на 1. пешадиска бригада беше активен на сите полиња. Дел од припадниците на баталјонот беа и се вклучени, не само во справување со брановите на мигранти и пандемијата на КОВИД-19, туку и во гаснењето на катастрофалните пожари што беснеат на повеќе места во нашата држава. Центарот за странски јазици, пак, веќе 20 години организира стручни курсеви за потребите на Министерството за одбрана и Армијата, и со тоа ја овозможува нивната интероперативност со структурите на НАТО.

Со Повелба на Република Северна Македонија е одликуван и одбранбеното аташе на Кралството Норвешка, потполковник Егил Далтвејт. – Во изминативе три години, благодарение на неговиот професионален и личен ангажман, обезбедени се значителни донации за справување со пандемијата на КОВИД-19, но и за јакнење на капацитетите на Министерството за одбрана, на Воената Академија и воопшто, на борбената готовност на Армијата. Ние знаеме да ги препознаваме, почитуваме и вреднуваме своите пријатели, меѓу кои секако спаѓа и потполковник Далтвејт, рече Пендаровски.

Тој изрази благодарност до сите храбри мажи и жени во униформа кои се активно вклучени во справувањето со пандемијата со Ковид-19 и во гаснењето на пожарите.

Во таа насока, како што рече, час поскоро треба да влеземе во процес на анализа и промислување како да изградиме поотпорен и поефикасен систем за намалување на ризиците од катастрофи.

– Во изминативе неколку години постојано го зголемуваме буџетот за одбрана и мораме да продолжиме со инвестирање на ова поле. Тоа е неопходно за да имаме Армија подготвена за учество не само во мировни мисии или воени вежби, туку и армија со капацитет, во секое време, да им помогне на своите граѓани во соработка со надлежните цивилни структури, рече Пендаровски.

Министерката Шекеринска направи ретроспектива на сето она што е постигнато во изминатата година и им оддаде почит на сите војници, подофицери и офицери кои повторно, како што рече, станаа наши јунаци кога се соочивме со огнените стихии низ цела држава.

-Овој 18 Август Ве повикувам да го посветиме токму на благодарност до секој припадник на Армијата, кој во изминатава година ја оправда својата служба, ја оправда и го покажа своето херојство и буквално не знам по којпат ја задолжи татковина, порача Шекеринска.

Министерката потсети дека секој приапдник на АРМ има повисоки примања, подобри услови за работа, целосно нов и правичен систем за пензионирање. –Обезбедивме лична опрема, спортска опрема, балистичка опрема, обезбедивме договори и долгорочно финансирање на нови и современи воени транспортери кои нема да значат само бнезбедност нс државата, туку и безбедност на луѓето кои не обезбедуваат, заштитна оние кои не штитат, но и нова комуникциско информатичка опрема, ново вооружување. Така и ќе продолжиме. Ќе продолжиме да инвестираме во нашите луѓе, во опрема и знаење, но и во нашата сигурност и државниот симбол број еден, а тоа е Армијата, рече Шекеринска.

Според неа, двата конкурси во последниве два месеца покажаа колку пораснал интересот на младите луѓе да работат во Армијата. На првиот конкурс за 200 работни места имало над 1.800 млади кандидати, на следниот за 100 работни места имало повеќе од 900 кандидати. Девет кандидати за секое работно место. Тоа, како што рече, е придобивка за Аррмијата, но и доказ дека армиската професија навистина станува посакувана. Посочи дека по недозволиво долга пауза од 11 години, без ниту еден произведен подофицер во изминатава година произведовме 120 нови подофицери, а дополнителни 70 ја започнуваат обуката оваа недела.

Министерката Шекеринска рече дека остануваме активни во Либан и Централноафриканската република, а дека се планира и поголем ангажман во БиХ, како и учество во НАТО мисиите во Балтичкиот регион. Изрази благодарност до Словенија, Србија, Австрија, Романија, Црна гора, Франција, како и ЕУ и НАТО механизмите за цивилна поддршка за големата помош во гаснењето на пожарите.

-19 години повеќе од 3.500 припадници на Армијата заедно со останатите НАТО сојузници им помагаа на институциите на Авганистан да зајакнат. Последната ротација, воена, заедно со медицинскиот тим безбедно се врати дома на крајот на јуни оваа година. Во тие две децении немавме загуби, а имавме бројни пофалби за подготвеноста на нашите војници за своите задачи. Со загриженост ја следиме ескалацијата на ситуацијата во Авганистан и неуспехот на авганистанските институции да гарантираат стабилност на своите граѓани. Тој неуспех и драматичните слики од Кабул никој не смеат да го остават рамнодушен и затоа одлучивме да не молчиме. Како држава којашто искористила туѓа помош во минатото, понудивме поддршка и прифаќање на авганистански граѓани, заедно со своите смејства во хуманитарните и миротворните мисии,активисти за човекови права, новинари, преведувачи, стипендисти, како и дел од оние граѓани кошто во изминативе години беа поддршка на НАТО сојзуницте, па и поддршка на македонската армија, изјави Шекеринска.

Началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски вети дека ќе продолжи да менаџира со сите човечки и материјални ресурси на Армијата, одговорно и со голем ентузијазам и проактивност во остварување на мисиите и задачите на Армијата, но и државните стратегиски цели во интерес на граѓаните. Тој им оддаде признание и благодарнсот на сите учесници во кризата со мигранти, пандемијата и пожарите, како и на сите доктори, медицински персонал, пожарникари, припадници на МВР….

Во рамки на свеченоста, беа доделени медали од Командантот на Националната гарда на Вермонт генерал-мајор Грегори Најт. Медал за истакната служба на државата Вермонт доби министерката за одбрана Радмила Шекеринска за извонредни постигнувања во изминатиот период, а медал за заслуги доби генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Признанија од началникот на ГШ на Армијата им беа врачени на министерот за здравство Венко Филипче, директорката на Инфективната клиника во Скопје Милена Стевановиќ, директорот на ГОБ „Осми Септември“ – Скопје Христијан Костов, директорот на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими, командантот на баталјонот за воено-медицинска поддршка потполковник Елизабета Наумовска Петрески. Беше доделена Златна значка на Армијата за партнерство, координација и соработка на персоналот од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје д-р Илир Демири, д-р Крсто Гроздановски, д-р Билјана Петреска, медицинската сестра Мамудије Ибраими и новинарот од МТВ Милчо Велевски.

Од министерката за одбрана Радмила Шекеринска беа доделени признанија запосебно и пожртвувано ангажирање и квалитетно извршување вонредни задачи заради отстранување на последиците од елементарните непогоди предизвикани од огнените стихии што ја зафатија земјава. Со Плакета на МО е наградена Командата за операции, а благодарници добија Град Скопје, Министерството за култура, Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје, МНТ, јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Водовод и канализација“… Пофалени беа повеќе наредници, доктори и повеќе медицински лица….