Амбасадорката Холштајн ја посети „Костал Македонија“ во Охрид

Амбасадорката Холштајн ја посети „Костал Македонија“ во Охрид

„Костал“ како фирма е важна за земјата бидејќи тука не станува збор само за трудово интензивна дејност, туку за производство на производи со поголема додадена вредност, дотолку повеќе што компанијата вработува значителен број работници.

Ова денеска го истакна амбасадорката на Сојузна Република Германија во нашата земја Анке Холштајн, која во рамки на работниот престој во Охридско-струшкиот регион ја посети компанијата со германски капитал „Костал Македонија“, каде се сретна со генералниот менаџер Виктор Мизо.

-Токму тоа и треба на земјата, модерна технологија и високо развиена индустрија. Тоа е она што државата ќе ја придвижи напред. Тука има околу 200 германски фирми, а Германија истовремено е и најголем трговски партнер на земјата. Германските компании овде имаат отворено околу 20 илјади работни места, 1.000 од нив се токму тука во „Костал“, а тоа компанијата успеа да го направи само во пет години. Ова е многу добар пример на кој начин една германска инвестиција во Северна Македонија може да се постави и понатаму да се развива, истакна амбасадорката Холштајн.

Амбасадорката рече дека развој е можен само преку добра соработка на сите чинители, посочувајќи дека е потребна транспарентност и одговорност од институциите за преземените обврски, бидејќи тоа се работи кои придонесуваат за успешни инвестиции.

Генаралниот менаџер на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, истакна дека комуникацијата со државните институции треба да биде потранспарентна и побрза, без оглед дали се работи за некакви регулативи или за исполнување на некои договорни обврски.

-Развојот на државата може да се случи само доколку се има добра соработката и со институциите и се зголеми обемот на соработка со домашни компании и домашните добавувачи, бидејќи сметаме дека на тој начин можеме да додадеме поголема додадена вредност во државата. Но, и да сме поконкурентни на пазарот, изјави Мизо.

На средбата станало збор и за хармонизација на царинските стапки, условите за добивање на државна помош и субвенционирање во различни делови од земјата, но и на кој начин неработната недела ќе ги афектира овие компании.