Филиче: Трета доза ќе им се дава на лица имуно-компромитирани

Филиче: Трета доза ќе им се дава на лица имуно-компромитирани

Од Комитетот за имунизација стигна препорака лицата кои се имуно-компромитирани да примат трета доза на вакцина, според препораката на ЦДЦ и здравствените институции во САД, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во текот на неделата ќе стартува и тој процес.

Тој појасни дека со трета доза ќе бидат вакцинирани пациенти на кои им била извршена трансплантација, оние со хронична дијализа и други лица со имуно-дефицитарни, согласно дијагнозата.

– Процесот на вакцинација се одвива добро по најавените мерки, што е добар сигнал и верувам дека тој тренд ќе продолжи. Минатата недела имаше денови кога достигнавме бројка од 8.000 граѓани кои се пријавија да примат прва доза вакцина. Околу 50.000 вакцини се дадени претходната седмица, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој очекува таквото забрзано темпо на имунизација ќе продолжи и што поскоро да се стигне до колективен имунитет.

– Опфатот на вакцинирано население изнесува околу 35 проценти. Процентот на вакцинирани граѓани над 70 години, порасна од 63 на 70. На населението над 50 години, процентот од 45 сега е речиси 50, што е добар знак за оваа категорија граѓани. Гледаме дека во градовите каде што опфатот со вакцинација е висок, на пример Охрид, Битола, Штип, нема пациенти во болниците. Досега се вакцинирани околу 4.000 деца до 18 години. Најмногу се вакцинираат повозрасните, односно 16, 17 и 18 годишни, соопшти Филипче.

Министерот потенцира дека вакцинирањето е единствениот начин да се стави крај на пандемијата.

-Ние сме сведоци сега и во нашата земја што се случува во градовите каде е низок процентот на имунизирани. Јасно е дека вакцините се безбедни. Од дадени милион дози, немаме никаква посериозна компликација. Исклучително мал број во промили на лица кои биле вакцинирани, а кои се заразиле со коронавирусот. За 20 пати се намалува ризикот од смртен исход. Веројатно и во иднина ќе се соочуваме со нови соеви, и повторно вакцинацијата ќе биде начинот да се бориме со пандемијата, рече Филипче.

Во однос на лицата кои, според најавите, треба да дојдат од Авганистан, Филипче рече дека за нив ќе биде препорачана вакцинацијата.