Филипче: За сите пациенти имаме сосема доволен болнички капацитет

Филипче: За сите пациенти имаме сосема доволен болнички капацитет

Никој не може да претпостави како ќе се одвива сега ситуацијата, меѓутоа го анализираме бројот на прегледи и изминативе два до три дена е изедначен.

Многу е рано да се каже дека ситуацијата спласнува, но секако за сите пациенти имаме сосема доволен болнички капацитет, со овој систем на координација меѓу Тетово и Скопје, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, во однос на преполнетоста на болниците во Тетово и Гостивар.

Болниците во Тетово и Гостивар се преоптоварени, а во Кичево и Струга делумно, рече Филипче, посочувајќи дека се во постојана комуникација со директорите на тетовската и гостиварската болница и секој пациент на кој што му е потребно болничко место, по претходна најава се праќа во Скопје.

– Тука е целосно исполнета инфективната клиника, заедно со модуларната. Над 130 пациенти се веќе хоспитализирани, Институтот за туберкулоза и од денеска почнува да работи и болницата за рехабилитација во Козле, каде што има 120 кревети, снабдени со централен довод на кислород, изјави Филипче.

Во однос на можноста за воведување карантин во Тетово и Гостивар, Филипче рече дека, ги разгледувале овие мерки и заклучиле дека засега не е потребно.

– Сепак, тоа е една голема рестрикција. Ставаме акцент на вакцинацијата, како еден процес кој треба и да го зголеми колективниот имунитет, но и да го спречи ширењето на вирусот, вклучувајќи ги и овие градови каде што е најголем бројот на пациенти и дијагностицирани и хоспитализирани, изјави Филипче.