Апаратите за отпечаток на прст за прв пат ќе се користат на локалните избори

Апаратите за отпечаток на прст за прв пат ќе се користат на локалните избори

Апаратите за отпечаток на прст кои ќе се користат за локалните избори ќе донесат подобра контрола и поголема сигурност на самиот изборен процес, вели претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

Тој во интервју за Радио Слободна Еворопа вели дека повеќе како држава не смееме да дозволиме експерименти со изборите. Терминалите за отпечаток на прст ќе спречат можни манипулации на изборите и нема да се отвораат сомнежи какви што имаше на референдумот вели Даштевски.

„Имавме најсвеж пример од референдумот каде утврдените резултати ни укажуваат дека имало гласање за 7, за 9 секунди. Значи сите тие недостатоци ќе се отстранат и сметам дека ќе имаме подобар фидбек, подобар осврт на работите како навистина стојат. Тоа би требало да биде така бидејќи ние нели се стремиме кон НАТО и ЕУ, не треба да си дозволиме такви експерименти да правиме, да гласаме за неколку секунди..“

Терминалите за отпечаток за прст се користат во околу 50 држави во светот на денот на изборите. Но претежно во помалку развиените земји како што се дел од поранешните Советски републики, држави од Јужна Америка, дел од африканските земји и слично. Според Даштевски гласањето со отпечаток на прст е побезбедно од онлајн гласањето.

„Податоците што ни ги дава МВР се криптирани и никој не може да ги декриптира, тие ќе се декриптираат на денот на полнење, ќе се наполнат во терминалите, во тие апарати и ќе бидат заштитени таму, ќе бидат криптирани дополнително и таа услуга ја купуваме дополнително и таа е најскапа услуга бидејќи најскапо чини криптирањето. Затоа и се случуваат хакерски напади на секаде, ако нема доволно средства за купување на таква заштита, криптирање, тогаш ќе ги пробијат. “

Во однос на безбедноста, претседателот на ДИК повикува на што помасовна вакцинација до денот на изборите и да се почитуваат протоколите за затворен простор, носење маска, држење дистанца и дезинфекција на рацете. Во однос на луѓето кои ќе го спроведуваат гласањето, Даштевски вели за сите се обезбедени маски и средства за дезинфекција и ќе се води сметка да не се прави метеж на избирачкото место.