Конференција во Атина на Воениот Комитет на НАТО, со учество на началникот на ГШ на Армијата на Северна Македонија

Конференција во Атина на Воениот Комитет на НАТО, со учество на началникот на ГШ на Армијата на Северна Македонија

Операциите, активностите и мисиите на НАТО, напредокот на стратешката адаптација, идните предизвици, имплементацијата на воено- одбранбените концепти и иницијативата „НАТО 2030“, се темите за кои ќе дискутираат началниците на генералштабови на армиите на 30-те земји членки на НАТО на конференцијата на Воениот Комитет на Алијансата што се одржува во Атина, а учествува и началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот на конференцијата, на присутните им се обратија претседавачот на Воениот Комитет, адмирал Роб Бауер, министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос, началникот на ГШ на грчката армија Константинос Флорос, а снимена видео порака испрати и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Во нивните обраќања освен на денешниот состанок, се осврнаа и на придонесот на Грција, но и на ситуацијата во Авганистан.

Конференцијата ја отвори адмирал Бауер, кој истакна дека 2021 година ја одбележа завршувањето на военото присуство во Авганистан по две децении, а во името на Воениот комитет им се заблагодари на 3,2 милиони мажи и жени кои посветено, професионално и пожртвувано ѝ служеа на Алијансата. Побара едноминутиен молк во чест на оние кои загинаа пожртвувано додека беа на задача.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, рече дека „2021 година го означува почетокот на нов циклус на адаптација на НАТО, а агендата НАТО 2030 го поставува тонот на оваа адаптација“, истакна дека „Грција останува силен и сигурен сојузник“, кој ги подржува безбедносните интереси на НАТО на Балканот, во Источниот Медитеран, како и во мисиите, операциите и активностите на Алијансата.

Слична беше пораката и на министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос, кој потенцираше дека „Грција е стабилен, кредибилен и сигурен сојузник во регионот“ и поддржува единство во Алијансата, како и „стабилност и безбедност во Источниот Медитеран, на Балканот и пошироко“.

Рече дека Грција е столб на стабилност во Источниот Медитеран, нешто што го порача и началникот на ГШ на грчката армија Константинос Флорос, додавајќи дека земјата секогаш гради мостови кои ги приближуваат народите кон заедничка соработка.

На сесиите во текот на денешниот ден ќе присуствуваат и Врховните команданти на сојузничките сили во Европа и на сојузничките сили за трансформација, генералите Тод Вотерс и Андре Ланата.

Од Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија во соопштението за денешното заседание на Воениот Комитет на НАТО истакнаа дека Армијата постојано учествува на големите меѓународни вежби и мировните операции на НАТО, што значајно придонесува во сите активности на Алијансата за што е препознаена како респектабилен сојузник.

-Армијата на Република Северна Македонија со спроведување на активностите во сите области кои се во надлежност на Армијата, интензивно работи на достигнување на дадените цели за целосна интеграција со НАТО во предвидениот рок. Воедно со постојано учество на големите меѓународни вежби и мировните операции на НАТО значајно придонесува во сите НАТО активности за што е препознаена како респектабилен сојузник, соопштуваат од ГШ на Армијата.

Началникот на Генералштабот Генерал-потполковник Ѓурчиновски, за време на престојот во Атина во текот на вчерашниот ден оствари средба со Амбасадорката на Република Северна Македонија во Грција, Лидија Бошковска.

Воениот комитет на ниво на началници на генералштабови одржува два редовни состаноци во текот на годината, а еднаш годишно се среќаваат во една од земји- членкин на НАТО.