Борел: Северна Македонија и нејзините граѓани заслужуваат европска иднина

Борел: Северна Македонија и нејзините граѓани заслужуваат европска иднина

„Треба да ја одржиме првата меѓувладина конференција што е можно поскоро. Северна Македонија и нејзините граѓани заслужуваат да напредуваат на патот кон ЕУ“, напиша на Твитер високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, по средбата со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брдо кај Крањ.

– Со Зоран Заев разговаравме за одлична соработка ЕУ – Северна Македонија, вклучително и безбедноста, глобалните прашања, регионалната интеграција, проширувањето, наведува Борел.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев како дел од својата агенда на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Словенија имаше билатерална средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика на ЕУ Џозеп Борел.

Во соопштението, пак, од валдината прес-служба се вели дека премиерот Заев му се заблагодарил на Борел за личната поддршка за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Истакнал дека блокадата на оперативниот почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ за Северна Македонија и за Албанија во целиот регион се оценува како сериозно назадување и удар врз довербата во целата ЕУ.

Борел и Заев заеднички констатирале дека Северна Македонија ги исполнува сите зацртани реформи и дека никој нема забелешка на тоа поле, со што македонските граѓани во целост ја имаат заслужено својата европска перспектива.