Симовски: Со пописот нема да има изоставено ниту едно лице

Симовски: Со пописот нема да има изоставено ниту едно лице

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска изјави дека нема значаен неопфат со пописот и оти на крајот со обработката нема да има изоставено ниту едно лице.

Истакна оти е значајно дека методот штo го користат дава можност и овој евентуален неопфат да биде покриен, бидејќи, како што рече, ги користат и базите на податоци каде ги има сите наши граѓани.

– Она по што се раководиме кога спроведуваме одредено статистичко истражување е да имаме концепт како ќе го следиме опфатот на сите единици на тоа истражување, а исто и на пописот. Клучната работа по која се раководевме беа објектите за домување каде се сместени граѓаните, каде што живеат граѓаните и сите овие објекти се поминати целосно не е испуштен ниту еден. Да, се случуваше да не можеме да најдеме некого дома, сепак беше летен период на спроведување на пописот, меѓутоа се обидувавме повеќе пати да ги побараме, остававме телефонски броеви, за да исконтактираат со попишувачите, немаме воопшто значаен неопфат со пописот, изјави Симовски по настанот посветен на проектот „Зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија“.

Нагласи дека секогаш е можно да го има и во најсовршените системи, но тоа што во моментов го очекуваат бидејќи се уште не е завршена обработката, е дека овој неопфат ако воопшто го има, е минимален.

Конечните резултати од пописот, потсети тој, ќе ги очекуваме за период од шест месеци од завршувањето на пописот. Најдоцна во март, рече Симовски, очекуваме да ги објавиме, но ако успеат да постигнат и порано, нема да чекаат.