„Отворен Балкан“- Во Белград потпишани 4 нови договори

На самитот Отворен Балкан во Белград се потпишани нови договори за неограничена трговија со храна, како и кинематографија и аудио-визуелни активности во Западен Балкан.

1. Договор за безбедност на храна
2. Меморандум за разбирање во областа на кинематографијата за Западен Балкан
3. Договор за соработка во областа на рударството и енергетската соработка
4. Оперативен план од областа на цивилните вонредни состојби

На вториот ден од самитот, премиерот Еди Рама му честиташе на српскиот претседател Александер Вучиќ за ставот за спроведувањето на договорите меѓу Косово и Србија.

„Вчера можеше да биде уште еден ден, каде нашите и европските медиуми беа преполни со вести за тоа што се случува на границата меѓу Србија и Косово. Вчерашниот ден покажа кој е патот и кој е изборот на Отворениот Балкан. Денеска со гордост сакам да кажам дека дури и решението за движење со лични карти е решение на Отворениот Балкан. Сакам да ја изразам мојата почит до претседателот на Србија, кој даде многу јасен сигнал до сите, дека првиот избор е мирот“, рече Рама.

Вучиќ рече дека е важно да се зајакне соработката меѓу земјите од регионот.

На овој самит беше поканет и министерот за надворешни работи на Турција, кој рече дека Турција ја поддржува оваа иницијатива и ја смета за мост меѓу регионот и Европската унија. Иницијативата „Отворен Балкан“ е продолжение на балканскиот „мини-шенген“, претставен во Нови Сад, Србија на 10 октомври 2019 година, од лидерите на Србија, Северна Македонија и Албанија.