Со 27 милиони денари целосно обновена полициската станица во Гази Баба

Со 27 милиони денари целосно обновена полициската станица во Гази Баба

Со оваа инвестиција од 27 милиони денари не само што обезбедуваме подобри услови за работа на полицијата, туку обезбедуваме и подобри услови за граѓаните кои ги користат услугите на МВР тука, порача премиерот Димитар Ковачевски по извршената обиколка и преглед на реконструираниот објект Полициска станица од општа надлежност Гази Баба, заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, неговиот заменик Назим Буши, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

-Овој објект, никогаш досега не бил саниран, ова е прва и единствена интервенција до сега и тоа ме направи посебно горд, бидејќи оваа реконструкција, ја направивме со околу 27 милиони денари, финансии од државниот буџет и тоа во време на економско-енергетска криза, токму кога јас сум премиер на Владата. Оваа инвестиција е исто така значајна затоа што со неа обезбедуваме меѓу другото и енергетски ефикасен објект, со што ќе се овозможи заштеда на електрична енергија во услови на енергетска криза, кога ни е повеќе од потребно рационално и одговорно искористување на струјата, рече премиерот Ковачевски.

Нагласи дека од 2017 година досега се реконструирани вкупно 78 полициски станици низ целата држава, а денес, како што кажа, можеме да разговараме и за изградба на две нови круцијални објекти важни за работата на Министерството.

-Заради посветеноста на Владата го имаме и ИКТ Центарот во Прилеп, проект од 11 милиони евра со кој се овозможи промена на целокупната информатичка инфраструктура на Министерството за внатрешни работи и се обезбеди систем за компатибилна размена на податоци и информации со сите институции во државата. Се гради и новиот форензички центар, инвестиција од околу три милиони евра, што е уште една силна потврда за посветеноста на оваа Влада за обезбедување подобри услови за функционирање на институциите, но уште поважно, подобри услови за живот и работа на секој граѓанин, потенцира Ковачевски.

Со реформите кои ги спроведуваме, потенцира, денес полицијата е заштитник на безбедноста на граѓаните, државата и демократијата.

-Заврши времето на политичка злоупотреба, денес, со вложен огромен труд и посветеност имаме професионална, департизирана полиција, и на тоа сум особено горд. После сите премрежија кои ги имавме како држава, овие реформи и инсистирање на професионализација на полицијата, е нашиот влог во иднината и во развојот на демократијата и државата воопшто, рече премиерот Ковачевски.

Министерот за внатрешни работи Спасовски потенцира дека за само една година објектот на ЕВР Гази Баба е целосно инфраструктурно реконструиран и саниран, во сите суштински сегменти, притоа запазувајќи ги сите современи градежни стандарди, вклучително и стандардите за енергетска и еколошка ефикасност и заштита.

-Исклучиво со средства од буџетот на Министерството, како што впрочем е наша пракса во сиве овие години наназад, беа издвоени околу 27 милиони денари, со што денес ја надополнуваме листата на реконструирани, санирани или новоизградени објекти на министерството од 2017 година наваму за уште еден објект, односно вкупно 78 објекти, посочи Спасовски.

Инфраструктурата на која било институција, рече, е еден од основните предуслови за нејзино ефикасносно и квалитетно работење.

-Кога станува збор за овој најнов реализиран проект, реконструкцијата и санацијата на објектот на ЕВР Гази Баба, сакам да потенцирам дека во овој домен квалитетно е решен и просторниот проблем на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи-Скопје при Одделот за граѓански работи, но и на Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје, што секако во многу ќе го подигне квалитативното ниво на работа на овие и тоа како важни организациони единици, посочи Спасовски.

Најави дека и во наредниот период ќе продолжат со планот на материјално-техничко подобрување на условите за работа на сите организациски единици, заокружувајќи еден концепт на унапредување и модернизирање на полициската служба во целост.

 

Последни вести

Заман Македонија

ZAMAN.MK ©
1994 - 2020 - СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ.
Забрането е преземање на содржина без претходна дозвола на редакцијата.