Грција нема донесено официјална одлука за продолжување на забраната за летови од девет земји меѓу кои и Северна Македонија

Во Грција не постои официјална одлука за продолжување и по 1 јули на забраната за летови од девет земји, меѓу кои и Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Онлајн изданието на грчкиот весник „Прото тема“, во текстот објавен утрово, без потпис од новинар и повикувајќи се на свои извори, пишува дека од 1 јули ќе се продолжи забраната за летови од и кон Грција за Северна Македонија, Велика Британија, Шведска, САД, Русија, Израел, Катар, Обединети Арапски Емирати, Саудиска Арабија, поради епидемиолошката слика во овие земји, а веста ја презедоа и други електронски изданија на грчките медиуми, меѓутоа, без да постои официјална потврда.

Во Грција, новите мерки или продолжување на веќе посотечките, најчесто се носат или преку заедничка министерска одлука од надлежните Министерства или конкретно за летовите, преку авио – упатства (NOTAMS) од Агенцијата за цивилно воздухопловство, а според информациите на дописничката на МИА од Атина, не постои, барем засега, официјална одлука, ниту од надлежните Министерства, ниту од грчката Агенцијата за цивилно воздухопловство за продолжување на забраната за летови што е во сила до 30 јуни.

Паралелно, според истите информации на МИА, Грција ги очекува одлуките на Европската унија.

Во таа насока е и објаснувањето на заменик-министерот за туризам на Грција Манос Консолас.

Во интервју за грчкото радио „Скај“, прашан за информациите во медиумите за конкретната листа со деветте земји, Консолас објасни дека тие се водат според упатствата од Европската унија, рече дека во конкретните држави не постои посакуваниот епидемиолошки индекс, па затоа одат чекор по чекор.

-Агенција за безбедност во воздухопловството на Европската унија одредува кои аеродроми се поврзуваат и исто така комесарот за внатрешни работи на ЕУ Јохансон рече дека каталогот на земји за кои ќе биде дозволен влез ќе се базира на три критериуми: земјите да бидат подготвени да примат посетители од Европската унија, второ, да постојат мерки за заштита за време на патувањето и трето епидемиолошкиот индекс да биде барем во просекот на оној од Европската унија. Ако постои ова разговараме за кои земји ќе се отвори, ако не постои нема отворање. Во земјите кои што ги споменавте, не постои епидемиолошкиот индекс што го посакуваме, па така одиме чекор по чекор, рече Консолас за грчкото радио.

За отворањето на копнените граници на 1 јули, според информациите на МИА, засега не постојат промени во однос на одлуката.

Впрочем, рано утрово од Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција, во соопштението за новата кампања за информирање на туристите „Уживајте во престојот и останете безбедни“, потсетија дека во среда се отвораат 27 аеродроми, седум копнени гранични премини и седум пристаништа за влез во земјата.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на вчерашниот редовниот брифинг со новинарите, во однос на тоа дали остануваат на првичниот план за отворање на копнените граници на 1 јули, рече дека засега остануваат на нивниот основен план, но и дека ги следат епидемиолошките карактеристики во сите земји.