Грција и Египет потпишаа договор за одредување на Ексклузивната економска зона

Договор за одредување на Ексклузивната економска зона во морскиот дел, потпишаа министрите за надворешни работи на Египет и Грција Самех Шукри и Никос Дендиас на нивната денешна средба во Каиро, а по преговорите меѓу двете земји што траеа 15 години, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас по потпишаниот договор рече дека денеска е историски ден, истакна дека договорот што е склучен во рамките на меѓународното право е важен за целиот Источен Медитеран и придонесува за стабилност и безбедност во регионот.

-Тоа е договор меѓу две пријателски соседни земји што ја почитуваат нивната историја. Апсолутно е спротивно од нелегалниот, невалидниот и правно непостоечкиот меморандум за разбирање меѓу Турција и Триполи. По потпишувањето на нашиот договор, непостоечкиот меморандум Турција-Либија завршува онаму кде што припаѓаше од првиот момент: во кантата за отпадоци, рече Дендиас.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, истакна дека договорот „создава нова реалност во Источниот Медитеран и го враќа легитимитетот во регионот“.

Денешната посета на шефот на грчката дипломатија на Каиро и потпишувањето на договорот не беа претходно најавени.