„Северна Македонија – наша љубов и наша тревога“. Во емисија со ваков наслов што се емитуваше на бугарската телевизија „БТВ“, шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, го најави ветото за старт на преговори за членство на Македонија во Европската Унија.
Таа рече дека целата политика на државава била базирана на омраза кон источниот сосед и дека македонската страна не ги исполнувала обврските од Договорот за добрососедство и затоа нема како да кажат „да“ се додека Македонија не признае дека имала бугарски корени.
„Ние велиме ‘не’ за почеток на преговори, а не за членство. Нашата политика отсекогаш била ориентирана кон поддршка на земјите од Западен Балкан за идно членство во Европската Унија, но не веруваме дека во овој момент тие се подготвени и ги исполнуваат условите за почеток на преговорите… Никој не го оспорува нивното право на самоопределување и да го нарекуваат својот јазик како што сакаат, многу пати сме го кажале тоа. Но не се согласуваме дека тоа право на самоопределување треба да се заснова на омраза, кражба на историја и негирање на Бугарија и бугарското. Како што тргнале, тие ќе почнат да го негираат постоењето на бугарска нација“, рече Захариева.
На Захариева ѝ пречело дека во земајава се величел диктаторот Тито.
„Не може од една страна да сакаш да си во ЕУ и да го демократизираш општеството, институциите и државата, а истовремено да го чествуваш еден од најмрачните диктатори – Тито. Двете нешта се спротивни“, додава Захариева.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави оти бугарското вето е извесно, но сепак остави минимум шанса бугарските пријатели да се предомислат.
„Јас сум подготвен и го подготвив македонскиот народ за евентуална блокада, за евентуално вето. И тоа е поприлично извесно. Ако кажете во проценти колку – повеќе е извесно, отколку да добиеме позитивна одлука. Сепак никогаш не ја губам надежта заради тоа што одговорноста е голема на политичарите. До декември има време, до крајот на декември е можност за прва меѓувладина конференција. Очекувам одговорност, крик на пријателство од бугарската страна“, рече Заев.
Заев смета дека ако Бугарија не е задоволна од исполнувањето на обврските од Договорот, таа може да не блокира 130 пати во текот на преговорите.
„Имаат можност 130 пати низ на 34-те поглавји да стават вето или блокада. Договорите и со Бугарија и со Грција се во годишниот извештај и се составен дел во преговарачката рамка. Тие се меѓународни договори, потпишани, билатерални исто така, кои имаат своја реализација“, додава Заев.
Премиерот рече дека македонскиот народ никогаш не би му ставил вето на бугарскиот и обратно, па затоа одговорноста е на политичарите.
Официјализирањето на одлуката на Бугарија треба да се случи на 17 ноември во вторник кога ќе заседава Советот за општи работи на ЕУ. Тогаш треба да се одлучува и за преговарачката рамка за Албанија.