Група од околу 150 мигранти, кои вчера пеш тргнаа кон хрватската граница, во моментов се наоѓаат на автопатот кај клучката за населбата Печинци, и според изјавите дадени за Танјуг, тие веруваат дека овој протест ќе ги натера Хрватите да ја отворат за нив границата.
Мигрантите, каде мнозинството се средовечни мажи и неколку деца од по петнаесетина години, во придружба на полицијата се движат кон хрватската граница, а Осима Африди од Пакистан порача дека се надева оти со овој потег ќе ги натераат Хрватите да ја отворат границата и да им дозволат да заминат кон саканите дестинации во Италија или Франција.
- Многу денови спиевме во шума и под мостови, а температурата се спушта, ќе почне снег да паѓа и сакаме да одиме кон границата, бидејќи за нас овде ќе има многу проблеми, вели Африди.
Тој дополни дека план на групата е на границата да бидат најмногу десет денови, по што очекуваат хрватските граничари да ги пуштат да минат низ таа земја.
- Многумина велат дека нема да ни ја отворат границата, но ние мислиме дека ќе ја отворат и оти за тоа ќе ни помогне овој наш протест, истакна Африди.
Тој дополни дека многу тешко го поднесуваат лошото време и дождот, бидејќи немаат резервна облека, а некои немаат ни кебиња ниту храна.
Африди објасни дека меѓу нив има само неколку деца, а нема жени, бидејќи ним им е тешко да патуваат пеш и оти планот е тие подоцна да им се придружат со автобус или воз.
Инаку, кај Печинце од главната група се одвоија петнаесетина мигранти кои се откажаа и припадниците на српската полиција ги вратила во Печинце, а од таму во Белград.