Невработеноста под 20 отсто на крајот на 2018, раст за 23,7 отсто на економијата

Невработеноста под 20 отсто на крајот на 2018, раст за 23,7 отсто на економијата

Последниот квартал од минатата година одбележан со пад на невработеноста на 19,4 отсто, најниско ниво досега, а истовремено растот на БДП изнесуваше 3,7 проценти. За Владата тоа е резултат на позитивните економски политики и спроведените мерки. Очекуваат подобра иднина.

Невработеноста падна на 19,4 проценти во четвртиот квартал од минатата година. На крајот на 2017 година бројот на невработени изнесувал 208.486, додека 2018 година завршува со 185.803 невработени лица во земјава. Бројот на невработени во однос на четвртиот квартал лани бележи намалување од 3,6 отсто.

Кај Бруто домашниот производ, пак, најголем раст има кај градежништото за 19,6 отсто, кое во претходните седум квартали бележеше пад.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски податоците за порастот на БДП се добра потврда дека економијата заживува и дека напорите на економскиот тим на Владата даваат резултати.

– Има јасен тренд на интензивирање на реалниот БДП во 2018 година од 0,9 проценти во првиот квартал, забрзување на три проценти во вториот и третиот и потоа 3,7 во четвртиот квартал што е највисок пораст во однос на кој било квартал во последните три години, вели министерот Тевдовски, кој потенцира дека МФ се потврдило како кредибилна институција со предвидувањето на растот на БДП од 2,8 отсто, што е најблиску до остварениот.

Оцени дека овие постигнувања се резултат и на фискалната политика како клучна економска алатка на Владата, која овозможи поддршка за повисоки плати, за повеќе вработувања  и за зголемени инвестиции.

За вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев позитивниот раст во цела 2018 година кажува дека Владата точно знае што прави и во кој правец ја носи економијата и оти се случува она што е најавено.  – Тоа кажува дека посветеноста на Владата, точната визија, добро одмерените мерки во економијата во сите сектори веќе ги даваат очекуваните резултати, рече Анѓушев и додаде дека се отворени и креирани нови 26.600 работни места.

Оцени дека е важно што градежништвото се враќа во својата нормала и има раст од фрапантни 19,6 отсто.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески посочи дека забележаниот раст на градежништвото во четвртиот квартал од 2018 година е за преку 20 отсто повисок отколку во третиот квартал.

Оцени дека тоа покажува за силната реализација на капиталните проекти и потенцира дека веќе започна новата градежна сезона што е добар предуслов за висока реализација на капиталните инвестиции во 2019 година.

Раст е забележан и кај земјоделството, што според ресорниот министер Љупчо Николовски покажува дека овој сектор се стабилизира и излегува од континуираната негативна состојба што е резултат на нагорен тренд на зголемено производство и на зголемени обработливи површини.

Министерот за економија Крешник Бектеши изрази задоволство што се создадени политики за развој на државата што даваат резултати и оти ќе се продолжи во тој правец и оваа година.с

Please publish modules in offcanvas position.