Буџетот за 2020 година 3,89 милијарди евра, рекордни инвестиции во човечкиот капитал

 Буџетот за наредната година ќе изнесува 3,898 милијарди евра, а во фокусот ќе биде човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.

Предлогот што доби поддршка од Владата го претставија денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев и министерката за финансии Нина Ангеловска.

Премиерот истакна дека во средиштето на вниманието кога се креираат политиките се граѓаните и растот на стандардот и дека политиките во наредната година ќе бидат посветени на поддршка на потенцијалот за раст и за грижа за секој граѓанин.

– И ако прашате зошто овој буџет се гледаше на повеќе седници? За секој денар на граѓаните се водеше сметка каде ќе биде најдобро и најпродуктивно искористен во полза на придобивките на нашите граѓани. Сепак, капиталните инвестиции остануваат повеќе од 23 милијарди денари која е вообичаената ставка во буџетот. За да биде скроен по мерка на граѓаните, овој буџет е влог во луѓето, во човечкиот капитал, рече Заев и додаде дека така е најдобро да се дискутира и да се скрои буџетот по мерка на граѓаните.

Според него, оваа определба е резултат на вниманието што е постојано насочено кон граѓаните и зголемување на стандардот. При тоа посочи на зголемувањето на минималната плата, социјалниот пакет, економски политики што отворија нови работни места, раст на платите во јавниот сектор…

Министерката Ангеловска го оцени како реален предложениот буџет за наредната година.

– Причината поради која поддршката на човечкиот капитал е во фокус, односно вложување во граѓаните и создавање подобри услови за живот, е предизвикот со кој сме соочени како земја: да го задржиме и надградиме нашиот човечки капитал. Доколку не вложуваме континуирано во човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот раст. Свесни сме дека како земја според индексот на човечки капитал, кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето согласно инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот. Добар буџет, е оној буџет кој ги адресира приоритетите – а приоритет за раст и напредок на земјата е човечкиот капитал, рече министерката за финансии.

Таа додаде вкупно 154 милијарди денари ќе се инвестираат во здравството, образованието и социјалната заштита, што е 64 отсто од вкупните расходи или зголемување за околу 10 милијарди во однос 2019 година.

Според премиерот, се зајакнуваат столбовите на општеството во кои повторно фоксусот се граѓаните.

Така во здравството е предвидено покачување на платите на целокупниот медицински персонал, почнувајќи од февруарската плата, во образованието ново зголемување од 10 отсто ќе има од јануари, од кога ќе бидат покачени и пензиите дополнително на редовната индексација со трошоците на живот.

– Владата се одлучи на вакво дополнително зголемување на пензиите имајќи ги предвид економските параметри минатите две години посебно порастот на просечната плата за повеќе од 2.297 денари  и на минималната плата  за 4-5000 денари. Пензиите ќе пораснат за 700 денари и заедно со веќе постоечкото усогласување со растот на трошоците за живот ќе пораснат вкупно за 850 до 900 денари, рече премиерот.

За аерозагадување ќе има 100 милиони денари, што не се вкупни средства, бидејќи, како што рече Заев, еден сериозен дел е вклучен во буџетот на одделни министерства и дополнително 10 милиони евра од буџетот на ЕСМ за набавка на еколошки инвертери за 10.000 домаќинства.

Капиталите расходи се проектирани на ниво од 23 милијарди денари. Инвестициите се наменети за интензивирање на инфрасруктурните проекти, односно за вложување во патна и железничка инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, обрзованиот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Приходите во буџетот за 2020 година се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари или 3 милијарди 615 милиони евра, што претставува раст од 5,6 отсто споредено со оваа година. Кај расходната страна на буџетот планиран е раст од  пет отсто во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно 3 милијарди 898 милиони евра.

Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од  годинашните 2,5 отсто, согласност со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на сите меѓународни организации.

Минситерката Ангеловска посочи дека дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.

Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и инвестициите – јавни и приватни.

Предлог-буџетот за наредната година ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.

Please publish modules in offcanvas position.