Ангеловска: Долгот во последните три години стабилизиран

 Долгот во последните три години е стабилизиран за разлика од периодот 2008-2016 година, кога нагло се зголемил за 23 проценти, оцени министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната презентација на нова платформа преку кога граѓаните ќе може да имаат увид во состојбата со долгот на државата.

Буџетот е во одлична кондиција има одлична ликвидност и реализација во првиот месец, рече Ангеловска, додавајќи дека планираното задолжување за годинава од 600 милиони евра е за раздолжување и за покривање на буџетскиот дефицит.

Според министерката, важно е дека јавниот долг се стабилизира и дека и меѓународните организации во нивните извештаи кажуваат дека се стабилизира.

– Од 2006 до 2016 година има зголемување од 23 проценти кое доколку беше употребено за раст, развој и фискална мултипликација, верувам дека ќе имавме раст над пет проценти на БДП. Треба да имаме предвид каде се вложуваат средствата што се земаат. Карикирање со бројки е лесно. Податоците покажуваат дека има години наназад кога растел долгот по 700-800 милиони евра. Домашното задолжување имало по 400 милини евра, сега е 200 милиони евра, истакна Ангеловска напоменувајќи дека планираното годинашно задолжување преку евробврзница од 500 милиони евра нема да се случи до изборите и дека се следат движењата на меѓународниот пазар.

Според министерката, не може да се очекува да не се задолжува земја во развој која треба значајно да инвестира во инфраструктура и да се развива.

– Зборуваме за значајни инвестиции и проекти кои се потребни за да постигнеме побрз развој и не може да карикираме само со апсолутни бројки од 300, 400 или 500 милиони евра задолжување. Треба да се има предвид и растот на економијата, односно доколку растот е поголем, секако дека процентот на јавниот долг како процент од БДП е релевантен показател и се споредува како расте, не во апсолутен износ, туку во споредба со економијата, појасни министерката.

Таа посочи на податоците дека зголемувањето на долгот во последните три години се должи на средства земени за поголеми проекти како за гасоводот 55 милиони евра, потоа за автопатите 76 милиони евра за автопатот Миладиновци – Штип и 120 милиони евра за автопатот Кичево-Охрид, за надградба на патишта 21 милиони евра, за регионални и магистрални патишта 29 милинони евра, за развој на мали и средни претпријатија 44 милиони евра…

До крајот на годинава е планирано јавниот долг да достигне 50,4 проценти од БДП, што претставува 1,5 проценти раст.

Новата платформа нуди податоци за движење на долгот низ годините, за планирани задолжувања, раздолжувања, податоци за државните хартии од вредност…

Please publish modules in offcanvas position.