Првиот блок од РЕК Битола ќе се затвори во наредните години

Првиот блок на РЕК Битола ќе биде затворен за најмногу пет години. 

Следува период во кој ќе мора да се затворат сите централи кои работат на јаглен, најави премиерот Зоран Заев и додаде дека првиот блок на битолскиот енергетски гигант треба да се пренамени во гасна централа, односно да биде приклучен на гасоводната мрежа која е изградена пред извесен период. Директорот пак на ЕСМ Васко Ковачевски вели дека блок-1 ќе мора да се затвори. Останатите два блока ќе работат на јаглен се додека дозволува Европската Унија, а тоа е најмалку десет години.

„Ние планираме еден по еден блоковите во следните години да се затвораат. Во првите пет години ќе биде затворен блок еден кој што не е модернизиран и најмалку во него се инвестира. Меѓутоа блок два и блок три може да работата во следните десетина години“, рече Васко Ковачевски директор на ЕСМ.

Во националната стратегија за енергетика на Македонија има три сценарија за судбината на РЕК Битола. Првиот е задржување на досегашниот начин на добивање на електричната енергија со јаглен. Но, во тој случај, Европската енергетска заедница ќе ни воведе данок на ЦО2. А тоа значи и драстично поскапување на електричната енергија. Втора опција е термоцентралата да се приклучи на гасоводна мрежа, а третата комплетно да се затвори електраната. Сите три опции се скапи и ќе значат поскапување на цената на струјата.

Според експертите, до 2040 година цената на струјата ќе порасне за 80 отсто, но во исто време се очекува и пораст на стандардот на граѓаните за повеќе од три пати во однос на тоа што го имаат денес. РЕК Битола е најголемиот произведувач на струја во земјава, но во исто време и еден од најголемите загадувачи на воздухот.