Бензините поскапуваат од половина до еден денар, а дизелот за 1,5 денари

Бензините поскапуваат од половина до еден денар, а дизелот за 1,5 денари

Малопродажните цени на евродизелот и на екстра лесното масло за домаќинство се зголемуваат за 1,50 денари и од вечер на полноќ ќе изнесуваат 54,50 денари за литар, односно 43,50 денари за литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1 денар и од вечер на полноќ ќе изнесува 63,50 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 0,50 денари и неговата цена ќе изнесува 65 денари за литар.

Според РКЕ, малопродажната цена на мазутот се зголемува за 1,458 денари и ќе изнесува 34,342 денари за килограм.

– Во изминатите седум дена цената на нафтата на светските берзи e порасната за 10 отсто, а тоа се должи на заздравувањето на глобалната економија и најавата за нов стимулативен пакет во Америка кој има позитивен ефект врз побарувачката на суровата нафта. Цените на нафтата се во пораст од ноември минатата година, од кога започна вакцинирањето на населението против Ковид-19. Истовремено друг фактор кој влијае на растот на цените е тоа што водечките светски производители ги намалуваат испораките од сурова нафта за 7,2 милиони барели на ден од почетокот на оваа година, според договорот меѓу Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија. Во прилог на зголемувањето на цените влијае и одлуката на Саудиска Арабија, најголемиот извозник, еднострано да ги намали испораките од сурова нафта во февруари и март, за дополнителни еден милион барели на ден , изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Од РКЕ наведуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат зголемување: бензинот за 3,874 отсто, дизелот за 5,606 отсто, екстра лесното масло за 5,714 отсто и мазутот за 6,383 отсто.