Регулаторна: Одземање на лиценци на 4 компании кои увезувале мазут

Регулаторна: Одземање на лиценци на 4 компании кои увезувале мазут

Регулаторната комисија за енергетика отвори постапка за одземање на лиценци за четири нафтени компании кои тргуваат со мазут на големо.

Фирмите РКМ ДООЕЛ Скопје, Супертрејд, Пертинакс и кавадаречката Ли-Оил немале оперативни резерви на мазут и затоа против нив се отвора постапка за одземање на лиценца, изјави првиот човек на РКЕ, Бислимовски.

„Овие компании се обрзани да обезбедат пет дневни резерви во текот на оваа година во зависност од потрошувачката што ја имале во 2020 година… Не може некој да ги одржува тие складови, а некои да ги чува само про-форма“, рече Марко Бислимовски, РКЕ.

Се следи секој чекор на фирмата Евротим која во земјава увезувала отпадно масло декларирано како мазут. Тие не смеат да тргуваат со мазут, се додека не завршат анализите на Државниот пазарен инспекторат. Станува збор за 500 тони мазут и две цистерни кои се проверуваат. Истрага спроведуваше и Владата и од таму најавија дека казнети се седум компании за нелегален увоз, немање резерви, складирање и продажба на спорен мазут. Овие фирми ќе треба да и платат на државата повеќе од 55 000 евра.

Компанијата Блу технолоџи продавала мазут кој не е деклариран во правилникот за квалитет на течните горива, а фирмата САНС АГ Штип продавала мазут од отпадни гуми кој не ги исполнува стандардите за квалитет и доби забрана за работа а покренато е барање и за одземање на Б лиценцата.
„Државниот пазарен инспекторат за овие две компании достави допис до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање лиценца поради производство на производ кој го декларираат како мазут, а не соодветствува со параметрите на мазутот што е спротивно на правилникот за квалитет на течните горива“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Во фирмата Супертрејтд имало отстапување на количината на вода во мазутот во пет цистерни. Во други фирми пак немало залихи или пак неточно се водело сметководството, како што е случајот со РКМ кој мазутот го декларирале како нафтен дериват за кој не се плаќа акцизи, а за што добија упте една казна од 24 000 евра. На владиниот списокот е и кавадаречката фирма Ка-Оил Енерџи која немала нафтени резерви, ниту лиценца од РКЕ.

„Утрово, целокупната документација, со сите наоди и извештаи на надлежните институции, бидејќи си ја завршија својата работа, ги доставивме до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесуирање, постапување и евентуално утврдување од страна на овие органи во рамките на нивните надлежности за соодветна одговорност“ , рече вицепремиерот Николовски.
Регулаторната комисија за енергетика најави дека ќе има контрола кај сите трговци со нафта и нафтени деривати. Ако пазарниот инспекторат утврди неправилности кај други фирми, РКЕ и за нив ќе почне постапка за одземање на лиценца.