Дел од пекарите ги покачија цените на белите пецива

Дел од пекарите ги покачија цените на белите пецива

Малите пекари ги зголемија цените на белите пецива, дел од нив ја зголемија цената и на лебот за дополнителни три денари. Засега цената на лебот од големите производители останува иста иако на светските берзи постојано расте цента на житото. Граѓаните велат дека пецивата во малите пекари се зголемени за дополнителни 15 денари.

„Поскапување на лебот јас лично што го користам нема сега за сега, меѓутоа гледам дека другите пецива бели се покачени. Тоа е многу ситно за некој е многу, 10- 15 денари“…

„За цените на другите производи има поскапување ама за лебот немам приметено. Еве на пример имам купувано за 50 денари пред извесно време, сега купив за 55 денари за пет денари е поскапо, тоа е голем процент ќе рече некој е за пет денари ама тоа е голем процент“…

„Само леб купувам, јас купувам од една приватна во Чаир иста е цената 25 денари“, рекоа анкетираните граѓани.

Од почетокот на пандемијата цените на дел од прехранбените производи според државниот завод за статистика постојано бележат раст и ја поттикнуваат инфлацијата. Од Светска банка апелираат на навремено креирање на монетарни политики за да може да се избегне повисока инфлација која ќе ја влоши економијата во земјава.

„Прашањето е дали зголемувањето на инфлацијата е времена состојба или долготраен проблем, може да има потреба од дополнителни монетарни политики со цел да се избегне влошување на економијата во земјава. Пандемијата не дава само пречки туку и можности затоа Светска банка работи со земјите во светот за да овозможи одржливо закрепнување“, рече Ана Бјерде- Заменик- претседател на Светска банка за Европа и Централна Азија.

Последната прогноза на НБРМ е дека инфлациските движења од периодот јануари- јули се над очекувањата според априлската проекција и се во просек 2,5 проценти. Најголем ризик постои поради непредвидливите ефекти кои ги предизикува пандемијата поради што движењето на светските цени на примарните производи е неизвесно. Проекцијата на министерството за финансии е дека годинава инфлацијата ќе биде 2,1 процент.