Бислимовски тврди, струјата нема да поскапи за 50%

Бислимовски тврди, струјата нема да поскапи за 50%

Властите и регулаторот не се согласуваат со тврдењата на експертите дека од јануари цената на струјата за домаќинствата ќе расте. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, прогнозите на енергетичарите ги оквалификува како ширење на паника која ја пренесуваат медиумите. Тој тврди дека нема да се случи ценовен шок и оти после јануари струјата нема драстично да поскапи. 

„Сега има многу ловци во матно кои што шпекулираат. Една од тие шпекулации кои јас ги прочитав е и дека цената за домаќинствата ќе пораснела за 50 проценти. Би ве замолил и вас како јавност, би ја замолил целокупната јавност да се воздржиме од такви највулгарни шпекулации, без никакви анализи, туку да се каже колку да се каже“, изјави Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Министерот за економија Крешник Бектеши пак, вели дека сè уште е рано во Владата да се дискутира за било кава мерка за помош на граѓаните која ќе им помогне во актуелната енергетска криза. Бектеши грантира дека државата ќе стори сè сметките на граѓаните за електрична енергија да не пораснат.

„Најважно од сè е дека ние будно ја следиме ситуацијата и во делот на домаќинствата не очекуваме да има големи ценовни шокови“, рече Крешник Бектеши Министер за економија.

Од почетокот на оваа енергетска криза, експерти од областа на енергетиката предупредуваат дека Владата треба на време да скрои мерки со кои ќе им се помогне на домаќинствата и компаниите. Сите со кои Алсат стапи во контакт сугерираа дека реалната состојба од јануари ќе биде раст на цената на електричната енергија за граѓаните. Фирмите веќе добија една повисока сметка за струја за над 50 отсто, а повисоки фактури ќе плаќаат и во следните неколку месеци. Цената на струјата низ Европа расте поради зголемената побарувачка и поради недостигот на природен гас.