За струја плаќавме 2.000 евра, сега 5.000 евра!

За струја плаќавме 2.000 евра, сега 5.000 евра!

Астрономски сметки за струја добиле угостителите од Охрид и Струга за месец јули. Велат ако нешто не се промени, добар дел од нив, по завршувањето на летната туристичката сезона, ќе стават клуч на врата. Алсат контактираше повеќе сопственици на хотели и ресторани и сите без исклучок велат дека јулските фактури биле за два до три пати поголеми од оние од минатите месеци.

„За јули стигна сметка од 332.000 денари, а за јуни 118.000 денари. Ако продолжат со овие цени до наесен, нема да има шанса за 40 вработени, коишто моментално се вработени во локалот, да си ја задржат работата. Ќе мора да ставиме клуч на врата. За јули е 5.000 евра сметката, додека за јуни е 2.000 евра. Значи 3.000 евра разлика“, изјави Ана Митреска- маркетинг менаџер на угостителски објект.

Некои веќе размислуваат за поставување на фото волтаици, како би заштедиле дел од трошоците.

„Цените кои беа минатиот месец за разлика од овој не се дуплирани, туку за двапати се дуплирани, а потрошувачката е иста. За јуни ако била 100.000 денари сметката, сега е 300.000 денари. Веќе аплициравме за добивање на кредити, за фотоволтаици, за да може да спасиме барем 40-50% од основните трошоци кои ги имаме за електрична енергија….“, рече Муса Рашид-сопственик на хотел во Охрид.

Сопствениците велат дека поради инфлацијата биле принудени да ги зголемат цените на угостителските услуги. Но, тоа е нож со две острици затоа што со повисоки цени гостите се двоумат дали да седнат. Туристичката сезона е во полн ек, но од туристичкиот сектор велат дека клиентелата на туристи кои одморите ги поминале покрај Охидското езеро биле со поплиток џеб.