Најмалку 10 отсто поевтинување на основните прехранбени производи, најави премиерот

Намалување од најмалку 10 отсто на цените на основните прехранбени производи, најави премиерот Димитар Ковачевски кој е во работна посета на охридско-струшкиот регион.

Како што рече Ковачевски по посетата на фабриките „Подгорка” во Струга и „Органска буковка ДОО“ во Охрид, со последните владини мерки се овозможува многу поевтина струја и за компаниите од прехранбената индустрија.

-Со последните мерки обезбедуваме многукратно поевтина струја за компаниите од прехранбената индустрија. Очекувам намалување на цените на основните прехранбени производи најмалку 10 отсто. Поевитнувањето кај некои производи почна, но тоа ќе следува и кај другите, истакна Ковачевски.

Премиерот повтори дека со антикризните мерки не е изоставен никој.

-Ќе го чуваме стандардот, но ќе ги зачуваме и компаниите ликвидни, порача Ковачевски.