ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ | Петре Шилегов: Нашата цел е да го подобриме квалитетот на живот во градот Скопје

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ | Петре Шилегов: Нашата цел е да го подобриме квалитетот на живот во градот Скопје

Градоначалникот на главниот град Петре Шилегов, во ексклузивно интервју за ЗАМАН Македонија меѓу другото рече дека Скопје има голем потенцијал од сите аспекти, но дека тој потенцијал е недоволно искористен, Тој напомена дека негова должност е да прави проекти и да подготвува планови за подобрување на животниот квалитет во Скопје.

Во каква финансиска состојба ја презедовте општината на градот Скопје? Дали ќе побарате одговорност за злоупотребите и дали сето тоа ќе биде јавно објавено?

Во моментот кога ја преземав функцијата на градоначалник на градот Скопје, градот го затекнав со склучени обврзувачки договори во висина од 2 милијарди 850 милиони денари. Тоа преставува еден основен буџет на град Скопје. Она што е карактеристично и што може да се види е дека набавките биле плаќани со повисоко цени од вообичаените. Сето тоа проаѓало низ формалните процедури, но имајќи ги предвид пазарните цени кои што може да ги добие секој граѓанин, сметам дека платените цени се нереални. Но, тоа ќе биде предмет на анализа на други органи. Мојата работа не е да се занимавам со злоупотребите направени во минатото. Мојата работа е да ги креирам политиките кои им ги ветивме на граѓаните. Секој орган во државата има своја должност. Сепак, сметам дека 2018-та нема да биде година во која ќе можеме во целост да навлеземе во креирање на овие политики, баш поради финансиските обврски кои што ги наследивме од претходната администрација.

Меѓутоа очекувам дека во добар дел влегуваме во проектирање и имплементација на ветувањата кои ги дадовме во предизборната кампања. Една од моите задачи е креирање на моделите за изнаоѓање на срества за остварување на проектите. Тоа е една од работите поради кои што ја добив довербата. Градот во првиот дел од оваа година ќе започне со проектирање на градежни проекти за изградба на инфрастуктурните зафати за кои што зборувавме во текот на кампањата. Очекувам дека ќе созреат условите за изградба на два моста преку реката вардар.

Едниот мост се планира да се изгради во населбата Аеродром кај хотелот Русија, што ќе ја поврзе општината Аеродром со општина Гази Баба, преку ќерамидница и Скопскиот саем, со булеварски решенија.

Вториот е на улицата Љубљанска во Карпош 4, во продолжение на Сити Мол, во правецот кон Злокуќани. Сметам дека со булеварските решенија ќе се обезбеди подобра инфраструктура и развој на тие делови од градот. Очекувам дека ќе го завршиме проектот за Кристијан Тодоровски Карпош. Населбите Чаир, Топанско Поле и делови од Гази Баба да ги споиме директно со северната обиколница. Мислам дека ќе можеме да започнеме со булеварско решение на сегашната улици Босна и Херцеговина. Тоа е во делот каде што се наоѓаат бараките на старата општинска зграда на општината Чаир. Тој дел ќе го споиме со булеварот Словенија. 

Uskup Belediye Baskani Silegov 2 ae05b

Фото: Mухсин Гулер

Мислам дека со развојот на северниот дел од градот ќе достигнеме подобра комуникација на граѓаните од тој дел на градот. Ќе генерираме простор за развој на градот во сосема поинаква смисла. Точно е дека не е доволно развиен северниот дел од градот, односно т.н. левата страна на реката Вардар. Со тоа тој дел не е атрактивен ниту за живеење ниту пак за развој. За сметка на тоа, јужниот дел на Скопје, онаа десната страна на Вардар се преизгради. На крајот се соочуваме со две неквалитетни половини за живеење. Нашата цел е да ги развиеме двете страни на реката Вардар. 

Интензивно продолжува изградбата на велосипедските патеки. За жал, до сега се изградени само 40% од патеките, за кои е предвидено целосно да бидат завршени до крајот на 2016 година. Ние планираме да го завршиме овој проект до крајот на годината. Иако не е можно овие патеки да се постават низ целата територија на градот, бидејќи има места каде што не дозволуваат вакво нешто, сепак ќе се трудиме да изградиме погодна инфраструктура за тие патеки.

Во едно ваше соопштение велите дека во 2021 година Скопје ќе се кандидира за најзелен град во Европа. Како планирате да го направите тоа?

Како прво, европска зелена престолнина не подразбира само зеленило. Тоа воедно подразбира и менување на начинот на кој функционира градот, на еден посовремен начин. Дел од тоа е и проектот „Смарт сити“, кој планираме да започнеме да го инплементираме некаде во март оваа година, кога ќе бидат подготвени неговите софтверски решенија. Според буџетот за оваа година, предвидено е 147 милиони денар за животната средина, меѓу кое спаѓа и подготвување на ново зеленило и обновување на старите зелени површни. Компаративно, минатата година за чистата средина беа одделени 48 милиони денари. Ние одвоивме тројно поголеми срества за животната средина.

Uskup Belediye Baskani Silegov 3 5211c

Фото: Mухсин Гулер

Веќе пролетва градот започнува со уредување на парковите на сите средни училишта. Во текот на летниот распуст ќе се распише тендер за уредување и правење енергетски ефикасни средини за училиштата кои не се довршени. Доколку направиме енергетски ефикасен објект, ќе се намали и потрошувачката на други енергии, со што многу повеќе ќе се заштити животната средина.

Покрај градските паркови и подигнатите зеленила, во паркови ќе ги претвориме и училишните дворови. Секаде каде што ќе најдеме слободно катче за тоа ние ќе го оплемениме веќе постојното зеленило, или ќе изградиме сосема ново. Во првиот месец од мојот мандат засадивме над 640 повеќегодишни и висококвалитетни садници. Нив ги засадивме на места каде што воздухот е многу загаден.

Бидејќи се повеќегодишни, тие директно му помагаат на еко ситемот на градот. Во есен имавме една акција за чистење. За жал имавме многу малку време да ја организираме, бидејќи беше на почетокот на мојот мандат. Од една страна, од друга страна не можеше да трае доволно долго бидејќи навлеговме во зимскиот период. На крајот од акцијата собравме над 3000 кубици смет. Не можам да кажам дека многу сум задоволен од направеното. Затоа, на пролет ќе организираме пообемна и поголема пролетна акција за чистење на градот.

Како што соопштуваат експертите од Министерство за животна средина и просторно планирање миењето и чистењето што го направивме оваа есен придонесува градот да биде помалку загаден, во споредба со претходните две години. Тоа не значи дека градот не е загаден. Но во споредба со минатите години, има некое благо опаѓање. Решавањето на проблемот со загадувањето е перманентна ботба на сите фронтови.

Покрај сите мерки што ги превземате, сепак загаденоста на воздухот сеуште е многу висока. Во кои делови има висока загаденост и која е причината за тоа?

Скопската котлина е географско подрачје каде што има многу мала концетрација на ветер и дождови. Тоа е географската положба на Скопје. За жал тоа го немале во предвид луѓето кои го планирале градот. Прголемата градба ја намалува циркулацијата на воздухот. Со тоа се зголемува загаденоста. Погрешното градење е причина поради што нагло се загадува воздухот во последните десет години. Урбанистичките планови биле неурбанистички носени. На сето тоа може да се додаде рапидното зголемување на бројот на жителите во Скопје, непланското градење, немањето на инфраструктура за греење и многу старите автомобили кои се возат низ Скопје.

„ПОГРЕШНОТО ГРЕЕЊЕ НА ДОМОВИТЕ Е НАЈГОЛЕМАТА ПРИЧИНА ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ“

53% во загаденоста партиципира погрешното греење во домовите, некаде околу 17% се индустриските активности, останиот дел е резултат на погрешното градење и загаденоста од сообраќајот. Непроодноста на сообраќајот има големо влијание во загаденоста. Лошата инфраструктура е најголемата причина. Затоа кај ректоратот има толкава загаденост. Нема како да ја прескокнете Мавровка. Доколку одите од Аеродром кон Карпош, или од Бутел кон Кисела вода или Козле, вие едноставцно имате две точки да се судрите со останатиот сообраќај. Затоа во тој дел загаденоста е толку голема. Лисиче има лош систем на затоплување. Освен тоа, тој дел е за 10 метри понизок за разлика од останатиот дел од Скопје. Бидејќи во Лисиче се таложат штетните честички загаденоста на воздухот е на повисоко ниво.

„Планираме голем дел од Скопје да биде снабден со природен гас до крајот на мандатот. Во Скопје веќе има мрежа која работи со природен гас. Ќе се обидеме да го однесеме овој систем до сите места кои не се греат со централното греење. Во втората етапа ова ќе го спроведеме и низ другите места“

Uskup Belediye Baskani Silegov 4 324be

Фото: Mухсин Гулер

Има тврдења дека главниот фактор во загаденоста на Лисиче е фабриката „Усје“.

„Усје“, „Макстил“ и „Дрисла“ се во ингиренција на министерството за животна средина и просторно планирање. Според информациите кои ги добив од министерството, фабриките „Макстил“ и „Усје“ не се во функција. Односно, „Усје“ не е во функција уште од 8 јануари, додека пак „Макстил“ со одлука на министерството, работи со 50% од капацитетот. А во „Дрисла“ имаше вонредна инспекција, по иницијативата што ја преземав како градоначалник. Резултат на таа инспекција е парична казна на „Дрисла“ и утврдена е посебна програма за работата на инсеведаторот, значи не можат секогаш да го користат. Меѓутоа, загаденоста сепак беше голема во овој период. Тоа значи дека мора да обезбедиме квалитетен систем на загревање на домовите на граѓаните.

За жал, сиромаштијата предизвикува луѓето да ставаат во печките се и сешто. Како што е неквалитетно огревно дрво, пвц, пластика, ќумур, па дури и гуми. Сето тоа е нешто што генерира штетни материи. Затоа, како дел од нашата предизборна кампања рековме дека гасификацијата ќе биде еден од нашите приоритети. На 10. јануари имавме координативен состанок со преставници за енергетика од кабинетот на премиерот, ЕЛЕМ, членовите на регулаторната комисија и градоначалниците на сите општини од градот.

Целта на овој состанок беше да да договориме започнување на интензивност за гасификација на градот. Примарниот дел од системот во Скопје веќе е завршен. Сега започнува секундарниот дел, тоа е притисокот на системот, кој веќе е започнат во Драчево, Радишани и Бутел. Во овие делови ќе се изгради нов систем . Нашата идеа е, оние делови од градот кои не се опфатени со централното греење да бидат опфатени со гасоводната мрежа.

Дали оваа услуга ќе може да ја користат и граѓаните кои живеат во местата каде што веќе е достапно централното греење?

Можеби ќе биде достапен гасоводот и за тие подрачја, но ќе се користи за различни цели. Не можете да најдете поевтин начин на греење од централното греење. Нашата цел е да овозможиме алтернативно греење на местата каде што не е достапно централното. Но, нема да поставиме гасоводен систем на местата каде што веќе има централно греење, бидејќи во моментов веќе сите централни греења во Македонија работат со гасовод. Знаете, порано овие централи работеа со нафта, сега работат со природен газ. Тоа значи дека не го загадуваат воздухот.

Uskup Belediye Baskani Silegov 5 d8d3a

Фото: Мухсин Гулер

Бевме сведоци на нагло политизирање на државните установи , особено училиштата. Како планирате да го деполитизирате образовниот систем во Скопје?

Политизацијата на образовниот систем не е само проблем на Скопје, тоа е општ проблем на цела Македонија. Се вработија многу луѓе според нивната партиска припадност, а не според нивната професионална способност. Кога дојдов на мојата функција, никогаш немав ваков реваншистички став. Никого не отпуштив поради неговата политичка или некоја друга идеолистичка припадност, и натаму ќе се однесувам на ваков начин. Сега е време на работа, не е време на барање противници. Ние тргнавме на пат со овој концепт.

Нашата главна идеа е да донесеме живот во Македонија. Немам право, и како човек а и како политичар да му ја сопрам егзинстенцијата на едно семејство само поради тоа што има различно политичко убедување од мене. Всушност концептот со кој настапивме на изборите е да ги изедначиме граѓаните на Македонија, без разлика на нивната припадност. Ако продолжиме со користење на власта како што тоа го правеа нашите претходници, тоа значи дека не сме ништо поразлични од нив. Во град Скопје луѓето ќе се вработуваат според нивната професионалноста, а не според нивната припадност во било која политичка партија.

„Како општина на град Скопје ќе ја цениме само професионалноста. Нема да вработуваме непрофесионални кадри, па макар тоа биле и луѓе од СДСМ“.

И покрај тоа што изворот Рашче е големо богатство, сепак сеуште има села кои немаат вода за пиење. Во текот на кампањата дадовте збор за решавање на тој проблем. Во колку фази очекувате да се реши проблемот?

Надлежноста на оваа тема е кај општините. На координативните состаноци со градоначалниците на општините разгледуваме проекти на изградба на водоводните и канализациските мрежи. Мислам дека до следните избори нема да остане ваков проблем. Жално е тоа што имаме граѓани што немаат вода, а живеат само 5км од центарот на градот, Се разбира дека нема да биде лесно, но ќе работиме со сите наши сили.

Кои заеднички проекти ги имате со градоначалникот на општината Чаир, Висар Ганиу?

Веќе ги споменавме дел од проектите. Можеби изградбата на некои патишта не е директно поврзана со општината Чаир, но сигурно ќе го олесни сообраќајот во тој дел од градот. Исто така има проекти за изградба на два кружни теккови. Едниот ќе биде кај маркетот Веро на улицата Џон Кенеди, а вториот ќе биде во Бутел 2 кај поликлиниката Чаир. Освен тоа, имаме сериозни проекти за инфраструктурата и екологијата во Чаир.

Дали имате планови за намалување на невработеноста на младите во градот Скопје?

Тоа е голема рана, не само на Скопје, туку и на цела Македонија. Општината на градот Скопје има планови за решавање на овој проблем. Во наредните денови, дел од кабинетот ќе оди во посета на Виена, каде што ќе ги посетат „хап центрите“. Тоа се центри за развој на мали бизниси. Во преговори сме со министерството за администрација и информатичко општество за градење на технолошки парк. Идеата на овие два проекта е да го помогнеме самовработувањето на младите во градот Скопје. Тоа ќе бидат места каде што ќе нема дополнителни административни трошоци. Бевме во посета на технолошкиот парк во Љубљана. Од таму дојдовме со некои искуства. Очекуваме да започнеме еден пилот проект тука во Скопје.

Според некои истражувања, „галиите“ изградени во реката Вардар се најголемата причина за големите излевања. Како планирате да го исчистите коритото на реката?

Најголемиот проблем е тоа што тие галии се изградени во еден од главните делови на реката Вардар. Тие што одлучиле за изградбата, дури и го смениле Законот за води. А тие галии се поставени како градски додатоци. Ги анализираме правните состојби на тие галии и ја сопревме изградбата на „панорамското тркало“. Сакаме сето тоа да го остраниме на начин со кој најмалку ќе потрошиме. Самото остранување на тие галии ќе го чини градот над 5-6 милиони евра. Но, една поплава со поголем карактер, може Скопје да го чини над 250 милиони евра. Затоа, планираме галиите да ги остраниме во најсоодветно време.

Што планирате за оживување на туристичките места како Матка и Чаршијата?

Скопје има голем потенцијал на туристички места, кои за жал не се доволно искористени. Едно од тие места е и езерото Треска. Никој не го споменува Аквадуктот во Скопје, кој е феномен кој може ретко да се сретне. Матка е бисер на Европа, само што не е до крај уредена. Скопското Кале сеуште е неупотребливо. Во Скопската Чаршија планираме да поставиме камери, со што ќе се зголеми безбедноста и граѓаните ќе можат безбедно да се шетаат.

Please publish modules in offcanvas position.