Османи: Преспанскиот Договор носи поголема етничка инклузивност

Османи: Преспанскиот Договор носи поголема етничка инклузивност

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој е во посета на Брисел за средба со комесарот Хан и земјите членки на ЕУ, во разговор за МИА вели дека Преспанскиот Договор носи поголема етничка инклузивност и дека членството во НАТО е најважното етничко прашање за албанската заедница.

Османи е уверен дека двотретинското мнозинство ќе се зголеми до средината на јануари, кога треба да заврши гласањето за уставните измени, но дека процесот, во Македонија и во Грција ќе оди по раб.

Вицепремиерот во разговорот зборува и за реформските слабости на Македонија во поглавјето 24, за кој денеска во Брисел почна подготвителниот скрининг. Последниот извештај на Европската Комисија во поглавјето 24 ги критикува недостатокот на борба против финансискиот криминал и против тероризмот.

Која е причината за вашата посета на Брисел денеска?

Работна средба во Брисел, мислам дека е важна, прво поради средбата со еврокомесарот Хан со кој треба да разговараме и за прогресот што државата го прави и во делот на политичките критериуми и во делот на реформската агенда. Денес е и рокот за поднесување на придонесот на Република Македонија за наредниот прогрес извештај. Меѓутоа, исто така, важна средба со претставниците на земјите членки организирани во КОВЕБ каде имав можност да ги презентирам резултатите на државата и во делот на имплементацијата на договорот и во делот на реформската агенда, пред сѐ на планот 18 и сѐ што планираме да направиме за да го потврдиме датумот за почеток на преговори во јуни.

Денеска почнува и подготвителниот скрининг на поглавјето 24, една од главните критики во минатиот извештај за Македонија во овој дел е недостатокот на соработка и резултати во финансискиот криминал. Истовремено, поранешниот премиер Груевски кој е осуден за ваков криминал не може да се пронајде за извршување на казната. Како  ќе се одрази ова?

 

Токму на овој ден има состанок за поглавјето 24 каде десетици луѓе од правда и од внатрешни работи слушаат од Генералниот Директорат за Правда на Европската Комисија пред сѐ за тоа што треба да направиме ние во делот на транспонирање на европското законодавство во делот на правда и безбедност. Мислам дека е добра можност за администрацијата да навлезе подобро и да се подготви подобро за процесот што нѐ очекува. Во однос на финансиските истраги, Владата има донесено стратегија за финансиски истраги и за конфискација на имот. Врз основа на таа стратегија е направен акциски план. Очигледно дека резултатите од минатото покажуваат дека или немало волја или немало доволно знаење и капацитет како да се прават тие истраги, бидејќи тие се сензитивни и комплицирани. Меѓутоа акцисиот план веќе дава резултати и мислам дека бројките покажуваат дека за една година се надминува количеството на имот и средства што се конфискувани, ги надминува збирно за сите минати години наназад. Дали тоа значи дека сме задоволни? Не, на самиот почеток сме. На градење на капацитети и на покажување резултати и сите овие средби, оваа комуникација што ја имаме со Брисел, посебно со експертите кои тие ги праќаат, ќе овозможи да се доизградат тие капацитети за да се покажат повеќе резултати.

Дали конкретно се зголемуваат ресурсите за финансиската полиција, разузнавање како што бара извештајот?

Да, во акцискиот план и во стратегијата се предвидува сѐ. И во делот на капацитетите, на начинот, на обуката, значи се покажало слабост во сите овие елементи во делот на финансиските истраги. Меѓутоа потребна е тука и силна политичка волја да не се застане на било каков отпор или предизвик на патот. Но, ви кажувам дека резултатите покажуваат и зборуваат сами за себе, и за политичката волја и веќе за капацитети кои се во тек на изградба. Нема да кажам дека сме комплетно подготвени за еден таков процес, меѓутоа дека почнува, дека има политичка волја, има план, има стратегија, веќе почнуваат првите резултати што ги надминуваат сите збирни години наназад. Мислам дека само треба да продолжиме по овој пат.

Како е можно да не се знае каде е Груевски?

Не ги знам деталите, тоа не го следам, органите на прогонот веројатно ги знаат тие детали, така што не можат да коментирам во овој дел, меѓутоа сметам дека законите треба да се почитуваат и исти да бидеме пред закони без разлика на каква позиција некој бил, е или ќе биде.

Не стравувате дека ова може да се рефлектира врз претстојниот извештај на ЕК за напредокот?

Да видиме како ќе се одвива процесот, да не прејудицираме, сѐ уште е рано, јас немам никакви детали.

Друга критика во поглавјето 24 во последниот извештај е борбата против тероризмот. Слаба е, истрагите, пресудите, слаба е работата врз превенцијата на насилната радикализација и дерадикализацијата во затворите и во заедниците. Што прави владата во овој дел?

Знаете дека има национален координативен центар што работи на оваа тема, подготвуваат стратегии, планови. Имав неколку средби со нив, има резултати и тука, Македонија е во блика соработка со земјите партнери во борбата против насилниот екстремизам и тероризмот. Зборувавме со тоа координативно тело за можноста за влијание и во социјалните аспекти што доведуваат до радикализација. Имаме еден појас во државата што повеќе продуцира луѓе вклучени во такви настани и сето тоа е поврзано со некаков социјален бекграунд, недостаток на социјални услови на живеење, за инклузивност на младите, вклучување на младите во општествени активности и сметам дека тој план треба да се комбинира не само во борба и откривање и спречување на младите кои се потенцијални регрути за такви дејанија, туку државата да овозможи капацитети да ги вклучи младите во разните општествени текови и активности за да на тој начин спречува. Така што правиме план посебно за тој појас каде има повеќе регрути, го нарекувам мастер план и го координирам за и националниот координативен центар за броба против тероризам и МВР и други институтции да се вклучат, меѓутоа и донаторите. За да можат различните земји членки, организации да се вклучат во подобрување на условите во тие општини каде гледаме дека има поголем потенцијал за екстремизам.

Колку борци од џихадот се вратени во Македонија?

Тие податоци во МВР ќе ви ги кажат, меѓутоа ние сме во блика комуникација со сите партнери и покажуваме резултати во тој дел. Важно е да не оставиме простор тука да се регрутираат, создадат и радикализираат младите. Мораме да се фокусираме на тој појас каде сметаме дека социјалните недостатоци, општествените прилики креираат атмосфера за радикализација и тука мора да влијаеме позитивно за да ги спречиме.

Има ли контрола врз тоа што се проповеда во џамиите? Имате ли соработка со ИВЗ? Џамиите се еден од главните извори на радикализација…

СЕП тоа не го прави, тоа го прави ова координативно тело. Зборував со нив за сите аспекти, имаат комуникација со верските заедници, не само со едната верска заедница, бидејќи потенцијал за радикализација има во сите општествени структури и тие се во таква комуникација и работат согласно подобрите светски практики, и правилата што ги имаат. Се жалат и тие на недостаток на капацитети, на човечки ресурси, но бидејќи се нови во оваа борба, Владата е подготвена да ги поддржи максимално за да покажат резултати.

Да се осврнам на Преспанскиот договор и уставните измени, отворена ли е Пандорината кутија?

Мислам не, напротив вчера е затворена. Ниту беше отворена всушност. Вчера со усвои четвртиот амандман и последниот во уставната комисија согласно Договорот од Преспа и не гледам некое отстапување од тоа што Собранието го усвои на 19 октомври со двотретинско мнозинство, мислам дека ова е еднонасочен пат во којшто не очекувам поголеми предизвици, сметам дека вештачката ментална бариера која се создаде со години во однос на ова прашање се преби и сега влегуваме во една поконструктивна дебата во однос на самиот Договор и очекувам дека тоа мнозинство дури и ќе се зголеми на следното гласање.

Околу забелешките на албанските партии за делот за националноста дека треба да биде албанско/граѓанин на РСМ?

Мислам дека не го разбираат процесот. Моментално во нашите пасоши, во мојот пасош во однос на државјанство пишува македонско. Сега ќе се додаде граѓанин на Северна Македонија. Значи со овој Договор процесот станува поинклузивен бидејќи и другите етнички заедници кои не се етнички Македонци ќе се најдат како граѓани на Република Северна Македонија. Во однос на другите барања мислам дека има едно недоразбирање кај тие помало политички партии, што или се на страната на наивноста или се киднапирани во процесот на растурање на Договорот. А тоа е дека има сет на албански политички барања, а некаде на другиот дел е НАТО.  Значи нема поголемо албанско етничко прашање отколку членството во НАТО. И ДУИ тоа го сфаќа и на тоа работи. Дека прв приоритет е НАТО, другите приоритети се од второстепено значење во моментов. Се разбира дека има можеби основ во однос на дваесетте проценти, но сега не е момент да се оптовари овој процес. Затоа што сметам дека НАТО е од стратешко значење и за Албанците и за сите граѓани на Македонија. Добро е што Охридскиот Рамковен Договор (ОРД) се вклучи во преамбулата, не како етничко барање туку напротив како комплетирање на реалност во дефинирање на конститутивните елементи на државата што нема да има некаков ефект врз секојдневното живеење, бидејќи амандманите се веќе инкорпорирани во Уставот уште од 2001 и тие го даваат ефектот. Прембулата не предизвикува закони за разлика од другите амандмани, преамбулата само ја рефлектира историската, хронолошката димензија на конституирање на државата и тоа го прави процесот поинклузивен и ги промовира елементите на ОРД кои всушност се принципи во интерес на сите граѓани.

Од забелешките на пратениците на опозицијата за уставните измени, очекувате ли да предизвикаат проблем во Грција, каде се критикувани?

Не е лесно ни таму и фактот што не е лесно ни таму, покажува дека е симетричен компромис. Да имаше поголема асиметрија во самиот компромис ќе имаме различен степен на реакции и таму и тука. Гледаме сличен отпор на опозициите во двете држави што само по себе зборува за симетричноста на Договорот, што е добро за граѓаните, ни дава некоја самодоверба на нас и на граѓаните за самиот процес. Според тоа што го знаеме од Грција не очекуваме таму да се ризикува процесот и ако нема да биде лесно и ќе биде по раб цело време. Како што кај нас по раб се оди, и таму ќе се оди по раб, но убеден сум дека ќе успее.

Please publish modules in offcanvas position.