ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ | Мила Царовска: Растот во буџетот е наменет главно за социјалните бенефиции, создавање на нови работни места и отворање повеќе градинки

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во интервју за ЗАМАН Македонија говореше во врска со проектите на министерството и реформите кои се клучни за граѓаните, како што е измената на законот за трето дете и детскиот додаток. Инаку, Министерството за труд и социјална политика е прво министерство кое започна со процесот на реформи.

 Дали може да ни кажете како напредуваат проектите планирани да бидат завршени до крајот на 2018 година? Колку успеавте да реализирате?

Со задоволство можам да кажам дека оваа година беше доста динамична и помина во интензивна подготовка на социјалната реформа која е клучна за нас како Министерство. Подготвивме сеопфатна реформа, со која целосно ги преобразуваме и подобруваме системите на социјалната и детската заштита. За прв пат во Македонија се воведува минимален гарантиран приход чија цел е да ги извлече најранливите од сиромаштија, но и се воведува целосно нов концепт за заштита на граѓаните и на детските права, како и за активација на пазар на труд на работоспособните коишто користат социјална помош. Истовремено ги јакнеме и капацитетите на детските градинки што е само старт на една суштинска реформа во детската заштита.

Mila Carovska 2 b754c

Подобро од очекуваното тече и процесот на деинституционализација. Бројот на деца во големи институции е намален за 33,9. %. ЈУ за згрижување деца со воспитно социјални проблеми „25-ти мај“ е целосно трансформиран. Сите деца од овој дом веќе живеат во мали групни домови. Лично сметам дека овие институции се најлошото нешто што може да му се случи на едно дете. Таму место посветеност и грижа тие добиваат занемарување, кое понатаму придонесува кон немили случки како оние кои ги имавме досега. Наша цел е сите граѓани, сите деца да имаат еднакви можности, хумани и достоинствени услови за раст и развој. Посветено работиме ниту едно дете под 18 години до 2020 година да не биде сместено во големит институции, што е амбициозно, но остварливо. Неодамна Владата ја усвои и Националната стратегијата за деинституционализација која го носи името Тимјаник, а Македонија доби искрени честитки на последната сесија на Комитетот за правата за лица со попреченост во Женева за она што го има направено досега.

Понатаму, ќе ги спомнам мерките од Оперативниот план за вработување, кој заклучно со месец ноември, е реализран над 90%. Најдобри резултати се постигнати со мерките за самовработување и млади, што ми е особено драго. Македонија е единствена земја која не е членка на ЕУ а ја има воведено младинската гаранција, мерка преку која се вработија над 1.400 млади лица.

Mila Carovska 4 MK 1a841

Од почетокот на мојот мандат работиме и на темелни системски промени, со цел да обезбедиме поправедно и хумано општество. Новиот закон за заштита од дискриминација е веќе усвоен на Влада. Исто така, ја ратификувавме и Истанбулската конвенција и го реализираме предвидениот Акциски план за нејзино спроведување, со што ставаме до знаење дека државата ќе работи на на борбата против насилството врз жените.

Истовремено работиме и на уште неколку законски решенија како целосно нов законот за практиканство којшто е во владина процедура, и на нов закон за работни односи. Веќе ја презентиравме и пензиската реформа, со која го стабилизираме пензискиот систем без да ја зголемиме старосната граница за пензионирање и без да ги замрзнеме пензиите.

Кои проекти се приоритетни за наредната година и колкав ќе биде буџетот на вашето министерство за 2019? 

Приоритети за следната година ќе бидат релизирање на социјалната реформа и зголемување на капацитетите на градинките. Забрзано ќе работиме на трансформација на Домот за деца без родители „11 Октомври“, како и ЈЗУ „Бања Банско“. Исто така, започнавме со изработка на нов закон за работни односи, со цел намалување на сегментацијата на пазарот на трудот, зголемување на флексибилноста и подобрување на законската заштита на работниците. Ова е особено важно, земајќи предвид дека постојното законско решение има празнини и недоследности, кои влијаат на обезбедување пристојни и сигурни работни места.

Најголемо зголемување на буџетот во 2019 година е токму за социјални надоместоци. Овде имаме зголемување од 2,2 милијарди денари. Ова е резултат на социјалната реформа, која предвидува драстично зголемување на бројот на корисници на паричните права од социјална и детска заштита, како и воведувањето на надоместок за стари лица, односно„социјална пензија“.Исто така сакам да потенцирам дека во Буџетот и за седната година се предвидени пари за додатокот за трето дете, бидејќи семејствата што го користат и понатаму ќе го добиваат.

Во насока на проширување на капацитетот за згрижување на деца во детски градинки, во 2019 година е предвидено зголемување 53% на средствата заадаптација на простор, изградба и опремување на детски градинки во Општините во Република Македонија, со посебен фокус на руралните средини каде што има 0% опфат на деца од предучилишна возраст.Покрај буџетски,обезбедени се и дополнителни средства од Светска банка, за сеопфатна реформа на детската заштитита.

Mila Carovska 3 5c671

Одлуката за трето дете е укината врз основа на новата одлука. Дали овој проект беше неефикасен или одлуката е укината поради финансиски причини?

Ние не го укинуваме родителскиот додатокот, туку го менуваме и го претвораме во вистинска социјална мерка. Од спроведувањето на овaa мерка се поминати веќе десет годинии таа воопшто не ги даде очекуваните резултати. Од 2011 до 2016 имаме пад на наталитетот од 13,3% на 11,1%, иако се потрошени над 200 милиони евра за реализација на оваа мерка. Всушност, воопшто не се работи за социјална капитална мерка, туку за неуспешна демографска мерка, која е јасно дека мора да се трансформира. 

Новите мерки и додатоци се наменети токму за оние граѓани кои имат потреба од тоа, односно за најранливите социјални категории. Со реформата која ја правиме дирекно ќе влијаеме на намалување на сиромаштијата и обезбедување подобри услови за раст и развој на децата. Дополнително воведуваме додатоци за секое новородено дете, а не само за третото.

Тука би сакала да посочам дека додатокот за трето дете и понатаму ќе се исплаќа на оние кои го стекнале правото и веќе го примаат. Исто така, право на овој додаток ќе има и секој што ќе аплицира во рок од десет месеци од денот на влегување во сила на законските измени. По навршувањето на овој период воведуваме надоместок за прво, второ и трето дете и го прошируваме бројот на корисници на детски и образовен додаток со што драстично го зголемуваме бројот на корисници.

Како ќе биде платениот систем за прво, второ и трето дете?

Висината на еднократната парична помош за прво дете ќе изнесува 5.000 денари, за второ 20.000, а за трето 60.000 денари. Исто така, сите семејства со минимални приходи и корисници на социјална помош им се овозможува да добиваат детски и образовен додаток.

1Infografik MTSP 03 233d2

Поставеноста на политичките партии во оваа насока е различна. Дали ДУИ се противи на укинувањето на надоместокот за трето дете?

Партиските коментари сметам дека треба да ги оставаме на партиите. Позицијата на МТСП за ова прашање е јасна - додатокот за трето дете не се укинува, туку станува збор за поширок пакет на закони, со кои се обезбедува парвичност за сите. Со трансформација на социјалниот систем креираме вистински социјални мерки, кои овозможуваат зголемување на бројот на корисници, праведна распределба на средствата и помош на оние на којшто им е најпотребна. Јас силно верувам дека сите ќе ги видат овие позитивни промени и заеднички ќе работиме за доброто на сите граѓани.

Од друга страна, во текот на кампањата цело време повторувавте дека ќе се подобро социјалниот статус на секој граѓанин. Како мислите да го постигнете тоа? 

Токму тоа е целта на социјалната реформа. Со неа не само што го зголемуваме социјалниот надоместок за 300%, туку истовремено вложуваме во преквалификација на лицата кои се невработени, за да може да се активираат на пазарот на трудот. Помошта и поддршката што ја овозможуваме на граѓаните во оваа насока сметам дека е клучна. Единствен излез од сиромаштијата е вработувањето. На овој начин всушност им помагаме да се доквалификуваат, да се вработат, да можат да се грижат за себеси, за своето семејство и активно да придонесуваат за ова општество.

Истовремено, воведуваме гарантирана минимална помош, неколку нови надоместоци, но и ги менуваме критеритуми, со што за првпат го отвораме системот за лицата со ниски примања. Правото на детски и образовен додаток за првпат ќе биде достапно за семејствата со ниски примања, со што драстично се зголемува бројот на корисници.

1Infografik MTSP 11 1 2f5ce

Во голем број земји сите деца добиваат одредени примања од државата, бидејќи тоа е нивно право без разлика на примањата на нивните родители. Зошто во Македонија ова право не се применува, туку тоа е привилегија за одредена категорија граѓани?

Приоритет во нашето работење е да овозможиме грижа за секое дете. Меѓутоа, тука станува збор за праведност и солидарност со најранливите категории во нашето општество. Не би сакала да зборуваме за привилегија кога станува збор за најсиромашните. Како што веќе спомнав, со реформирање на системот на права за детска заштита, правото на детскиот додаток за првпат ќе биде достапно и за домаќинствата со ниски примања. Ова значи дека бројот на деца кои ќе примаат детски додаток од 3.200 корисници ќе порасне на 73.500. Дополнително, воведуваме ново право - додаток за образование, наменето за деца во основно и средно училиште и од семејства со ниски примања и за деца на корисници на гарантирана минимална помош. Со ова, борјот на деца кој ќе примаат образовен додаток ќе порасне од 3.800 на 64.316.
Реформите во социјалната и детска заштита ги правевме многу внимателно, со цел да ги опфатиме сите ранливи категории и да овозможиме еднакви шански за секое дете. Откако сум на чело на МТСП посветуваме многу внимание и на детската заштита бидејќи секое дете ни е важно.

Mila Carovska 5 bcb93

Социјалната пензија е ветена како приоритет што ќе се реализира во првите две години. Помина една година и имаме одложувања. Во социјалната пензиска листа ќе бидат вклучени сите оние кои се над 64 години и без работно искуство? 

Точно е дека во програмата ветивме дека социјалната пензија ќе се реализира во првите две години. Како што и сами посочувате помината е една година, која ја завршуваме со веќе изготвен предлог закон, што значи дека нема да има никакви одложувања.

За регулирање на правото на социјална пензија носиме целосно нов закон, со кој овозможуваме финансиска сигурност на повеќе од 4.000 граѓани. Право на овој надоместок ќе имаат сите лица кои се над 65 години, имаат помалку од 15 години работен стаж, се државјани на Македонија и немаат имот. Со социјалната пензија всушност им гарантираме достоинствен живот на оние кои придонеле за нашето општество, но не оствариле право за пензија и немаат друг извор на приход од кој можат да се издржуваат.

Според Вас, со зголемувањето на социјалната помош ќе се намали сиромаштијата. Како ќе се прави класификација на лицата со социјални примања, бидејќи се стравува дека нема да бараат работа доколку примаат социјална помош од 10 илјади денари.

Секое домаќинство коешто ги исполнува условите ќе си ја добие својата помош, која ќе се пресметува согласно ризикот во кој се наоѓа. Во пракса ова ќе значи дека со реформата петчлено семејство во коешто две деца се во основно, а едно во средно образование ќе добие 11.300 денари. Типично четиричлено семејство со две деца едното во основно, а другото во средно образование пак ќе добива 10.600 денари гарантиран минимален приход, (во оваа сума влегуваат 6.800 денари ГМП, 500 денари енергетски додаток, 1.600 денари детски додаток и 1.700 денари образовен додаток). Истото семејство сега поради штетен Закон зема за 50% намалена помош и таа изнесува 3.029 денари. Оваа сума ја земаат дури 70% од корисниците. Разликата што ќе ја добијат со реформата е над 7.000 денари, или зголемување од 300 %.

Понтаму, реформата е многу внимателно направена, така да примателите кои се работоспособни мора да се вклучат на пазарот на трудот. Со добивањето на минималниот загарантиран приход корисницитесе обврзани тесно да соработуваат со семејниот социјален работник, кој пак ќе ги следи во процесот на доквалифицкација, преквалификација и обезбедување на работно место во најбрз можен рок. Исто така, доколку ја изгубат работата, тие ќе имаат можност повторно да добиваат минимален приход, а не како досега да го губат правото на социјална помош. Ова беше една од главните причини зошто овие лица не сакаа да се вработат, се плашеа од губење и на работата и на социјалната помош. Бидејќи со реформата ова нема да се случува, очекувам сериозно да ја зголемиме бројката на вработлив кадар, нешто што е многу потребно на пазарот и за компаниите. Истовремено, наша должност е да се однесуваме одговорно кон сите граѓани. За да избегнеме потенцијална злоупотреба на системот, граѓаните кои два пати ќе одбијат вработување, нема да имаат можност и понатаму да бидат корисници на социјална помош.

Од ваквата анализа можете да заклучите дека тука се работи за темелна реформа на системот, која позитивно ќе влијае на општеството и ќе ја подобри состојбата на пазараот на труд. На овој начин ќе им помогнеме на семејствата кои се необезбедени трајно да излезат од сиромаштија, а на нивните деца да имаат еднакви услови за развој и напредок како своите врсници.

Mila Carovska 6 80e12

Преполните детски градинки е наследен проблем. Какви мерки планира да превземе министерството за да го реши овој проблем? Дали може да ни дадете подетални информации околу тоа дали се планира отворање нови градинки?

Од почетокот на мојот мандат до сега имаме отворено 11, а до крајот на годината ќе отвориме уште 13 градинки. Истовремено, работиме на подобрување и зајакнување на кадарот во градинките. Така, со септемвриската плата исплатена во октомври добија, сите 4.300 вработени добија покачување од 5%. Од први јануари годинава досега, обезбедивме финансиска согласност за вработување на над 1.000 лица, од кои поголемиот дел се на неопределено време.

Посветено работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој, а овој темелен процес продолжува и во следните 4 години. Неодамна обезбедивме и дополнителни 30 милиони евра од Светска банка, кои се наменети за целосна преобразба на детската заштита и проширување на капацитетите во градинките. Со овој буџет плнираме да обезбедиме подобри услови во претшколското образование и простор за нови 7.000 деца. Покрај капацитетот, постојано ќе го покачуваме бројот на вработени негователки, но и платите за нив. Со оваа стратегија за четири години очекувам застапеноста на децата кои одат во градинка да ја зголемиме на 50%. Паралелно со инвестициите во инфрастуктурата, инвестираме и во подобрување на квалиетот на претучилишното образование. Работиме на нов систем на лиценцирање и унапредување на квалитетот на програмите во градинките. Претшколското образование е клучно за понатамошниот развој и напредок на секое дете, а со негово подобрување градиме квалитетни млади генерации и подобро општество.

Дополнително, воведовме и втора смена во градинките, која успешно функционира во пет градиники во пет општини во Македонија. Бројот на деца кој посетуваат втора смена веќе година и пол е ист, односно опфатени се вкупно 190 деца. Доколку родителите имаат потреба од втора смена, апелирам тоа да го побараат во својата матична општина, бидејќи само така можеме да знаеме дали некаде има потреба од втора смена, или не.

Mila Carovska 8 41880

Пензионерите користеа привилегии од државата, дали овој тренд ќе продолжи и во иднина? Се очекува најголемите реформи да се направат во ова министерство. Колку е веројатно дека ќе ги завршите сите реформи додека сте на челото на ова министерство?

Пензионерите ќе имаат можност да ги користат истите услуги како и досега. Токму тие со својот труд го граделе нашето општество, а наша должност сега е да им овозможиме исполнет и достоинствен живот. Ова е и целта на реформите во пензискиот систем, со кои правиме значаен чекор за намалување на дефицитот во ПИОМ, кој пак е директна последица на лошите минати политики. На овој начин обезбедуваме сигурни пензии за идните генерации и тоа без покачување на старосната граница.

Mila Carovska 9 001c6

Друг проблем се питачите кои ги исполнуваат улиците на Скопје и другите градови на државата. Дали министерството има какви било планови да го намали нивниот број?

Во однос на проблемот со питачите, за негово решение значително ќе придонесе социјалната реформа. Така, за користење на детскиот и образовниот додаток е поставен условот за задолжително одење во училиште на децата. Понатаму, блиската соработка меѓу семејствата и социјалните работници верувам дека ќе помогне во намалување на сиромаштијата и подобрување на социјалните услуги. Секако, за целосно искоренување на овој проблем потребна е коориднирана стратегија од повеќе министерства и институции. Центрите за социјална работа во соработка со Секторот за внатрешни работи на локално ниво преземаат координирани активности за евидентирање на оваа појава во сите општини во Република Македонија. За сите детектирани деца на улица во овие акции се подготвува индивидуален план за работа, се реализираат домашни посети во семејствата и се преземаат конкретни мерки за јакнење на родителските капацитети.

Исто така, направени се измени на Законот за семејство, односно практичната примена на Законот ја наметна и потребата од допрецизирање на одредбите кои се однесуваат на злоупотреба и грубо занемарување на вршењето на родителските должности со цел обезбедување поголема заштита на децата. Воведена е нова одредба „го наведува детето на питачење или го користи детето за питачење“ –како форма на злоупотреба и грубо занемарување. Исто така, се воведува обврска за Центарот за социјална работа, при сознанија дека се врши злоупотреба на детето веднаш да му укаже на родителот на недостатоците и пропустите во вршењето на родителското право.

За случаите коишто се во наша надлежност, Центрите за социјална заштита кога ќе утврдат дека родителот го наведува детето на питачење или го користи за питачење се носи решение за постојан надзор и стручно советување на детето и родителот. Исто така во Скопје веќе подолго време функционираат неколку дневни центри каде што децата од улица добиваат оброк, капење, чиста обука и едукација.

Mila Carovska 7 b9bee

Каква е состојбата со народните кујни?

Во моментот народни кујни функционираат во 50 општини во Македонија, со што се опфатени речиси сите градови, но и рурални средини. Според последните наши податоци во месец октомври годинава услугата ја користеле 3.021 лице, односно 1.440 семејства.

e-max.it: your social media marketing partner

Please publish modules in offcanvas position.