ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ | ДРАГАН ТЕВДОВСКИ: ЕКОНОМСКИОТ РАСТ ЌЕ ЗАБРЗА, 2019 Е ГОДИНА ЗА ЕКОНОМСКИ РЕЗУЛТАТИ

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ | ДРАГАН ТЕВДОВСКИ: ЕКОНОМСКИОТ РАСТ ЌЕ ЗАБРЗА, 2019 Е ГОДИНА ЗА ЕКОНОМСКИ РЕЗУЛТАТИ

Просечната плата годинава забележа раст од 5,7%, додека порано растеше 1% или 2%

Измина 2018 година. Ваша оценка - дали минатата година беше добра за македонската економија?

Годината која измина можеме да кажеме дека беше добра за македонската економија. Ќе поткрепам со неколку податоци. Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, од почетокот на годината просечната плата е повисока за 5,7%. Ако порано годишно платата растела 1 или 2 отсто, сега имаме раст од скоро 6%.

Невработеноста заклучно третото тримесечје во 2018 година е намалена на 20,8%, и е најниска е досега. Во овој период отворени се 14.239 нови работни места. После подолг период се враќа довербата на инвеститорите. Првите девет месеци од 2018, странските директни инвестиции достигнаа 316 милиони евра, што е значително повисоко од вкупниот годишен износ претходната година. Извозот во 2018 е за 16% повисок во однос на 2017 година. Расте индустријата, но и услужниот сектор. Второто и третото тримесечје имаме солидни остварувања на бруто-домашниот производ од 3% раст. Она што е исклучително важно е што овој раст е генериран од приватниот сектор. Имено, поранешната влада вложуваше милионски суми во проекти како Скопје 2014, кои билдаа повисоки стапки на раст, но немаа реална вредност за развој на економијата. Сега за разлика од порано, имаме реален раст во економијата.

tevdovski2 08a12

Рамниот данок беше карактеристика на поранешните социјалистички земји, но и тие во последно време го напуштаат

Минатата година направивте законски измени со кои го воведовте прогресивното оданочување. Подготвени ли сте да ја спроведете истото годинава?

Министерството за финансии и Управата за јавни приходи се подготвени да ја спроведат даночната реформа. За неа долго се дебатираше во јавноста со сите засегнати страни. Дел од идеите, предлозите кои произлегоа од тие дискусии беа имплементирани во законските решенија.

Зошто беше неопходно да се напушти концептот на рамен данок?

Праведното оданочување е стандард во најуспешните економии во светот. Доминира во Европската Унија и го има во САД. Праведниот данок и оди во прилог на целата економија и на сите граѓани. Рамниот данок беше карактеристика на поранешните социјалистички земји, но и тие во последно време го напуштаат. Од нашите соседи Албанија го замени рамниот данок со прогресивен во 2014 и оттогаш има одлични резултати.
Воведувањето на поправеден даночен систем ќе придонесе за намалена социјална нееднаквост, намалена сиромаштија, подобро здравство и образование, понизок буџетски дефицит.
Ќе споменам еден податок во овој контекст. Најдоходовните 1% од луѓето во Македонија во 2017 година заработувале во просек 4.486 евра месечно, што е 14,4 пати повеќе од просечниот доходна граѓаните во државава. Ова ја става Македонија на прво место во Европа по социјалната нееднаквост. Истовремено, многу наши сограѓани немаат пристап до квалитетно образование и здравство, затоа што државата нема доволно средства за да вложува во нив.

Како ќе влијае прогресивната стапка по џебот на граѓаните? Колку ќе треба сега да плаќаат данок на државата?

Воведуваме дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот останува 10% како и до сега. Само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, ќе се плаќаат дополнителни 8%. Ова значи дека за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста.

Најдоховните 1% имаа вкупна ефективна даночна стапка, која е пониска од онаа на останатите, што не е праведно.

Ефектите од промените се такви што бруто плата од 140.000 денари месечно, која пред реформата беше еднаква на 92.733 денари нето, сега би била еднаква на нето-плата од 92.444 денари. Со други зборови, дополнителниот данок за бруто-плата од 140.000 денари месечно изнесува 289 денари, односно 0,2% од бруто-платата.

Освен оваа промена, го зголемуваме даночното ослободување (намалување) кај платите и пензиите, односно делот на кој не се плаќа данок на 8.000 денари месечно. Со тоа, ја намалуваме ефективната даночна стапка за лицата што остваруваат доход од плати и пензии, особено за оние со пониски примања.

За една година направивме 10 крупни реформи за подобри јавни финансии

Министре неодамна изјавивте дека сте ги подобриле јавните финансии во земјава. Во што се состои тоа подобрување?

10 reformi vo JF MK eb939

 

Минатата година беше доста успешна во поглед на подобрувањето на системот на јавните финансии. Направивме сет од 10 крупни реформи, кои придонесоа за крерирање на подобар систем на јавни финансии. Во рамки на овие реформи е и даночната реформа.

Направивме и пензиска реформа, која ќе го стабилизира ПИОМ, ќе го намали дефицитот во Фондот и ќе обезбеди сигурни пензии за сегашните и идни пензионери.

Со реформата на социјалниот систем, воведовме гарантиран минимален приход, подобро таргетирање на социјалните трансфери, како и повеќе средства за најранливите категории.
Она што е многу важно е дека јавниот долг е ставен под контрола. Во 2016 година јавниот долг изнесуваше 48,8%, денес тој изнесува 48,2%.

Спроведуваме постепена фискална консолидација во насока на одржливост на јавниот долг. И следната година проектиравме понизок дефицит во однос на годинава, како процент од БДП, но и во апсолутен износ понизок.

Системски пристапивме кон решавање на заостанатите обврски од претходната власт. Прво направивме закон и платформа за задолжителна евиденција на заостанатите обврски од страна на институциите, општините, фондовите. Потоа пристапивме кон решавање на проблемот. Голем дел од обврските се веќе сервисирани. Направивме законски механизми кои ќе спречат натрупување на нови обврски.
Системот за јавни набавки го усогласивме со европските стандарди. Новиот закон за јавни набавки ќе осигура поголема ефикасност и транспарентност во јавните набавки.

Се бориме против корупцијата преку мерките за спречување перење пари. Направен е нов закон за спречување перење пари и финансирање тероризам, усогласен со највисоките светски и европски стандарди.
Подобрена е функционалноста на системот за јавни финансии. Воведена е претпополнета годишна пријава, електронски систем за царинско работење и многу други мерки од кој директен бенефит ќе имаат граѓаните и фирмите.

Континуирано се работи на подобрување на фискалната транспарентност, како најдобар механизам за контрола на управувањето на јавните финансии. „Граѓанскиот буџет“ доби веб-платформа, континуирано се објавуваат голем број на извештаи кои имаат и квалитативно подобри податоци, а наскоро и исплатите од трезорот ќе бидат достапни до широката јавност преку веб-платформа.

tevdovski3 31bbe

Опозицијата минатата година остро ве критикуваше за задолжувањето. Вие велите дека јавниот долг е ставен „под контрола“. Што значи тоа? Дали ќе се намалува јавниот долг?

Претходната влада остави брзорастечки долг. Тој за 8 години, од 2008 до 2016 година, драстично порасна од 23% на 48,5%, или 1,5 милијарди евра, на 4,7 милијарди евра. Ако во 2016 година јавниот долг изнесувал 48,5%, сега тој изнесува 48,2%. Значи е намален.

Зошто велиме под контрола? - Бидејќи сега тој е на одржливо ниво, односно економијата ќе може да го сервисира долгот.

Што значи тоа? - Прво каматите и кај домашното задолжување и кај еврообврзницата која ја издадовме се неколкукратно пониски од порано. На пример, кај еврообврзницата постигнавме историски најдобра камата од 2,75%, за разлика од претходните еврообврзници за кои камата се движеше помеѓу 4 и 10%. Значи довербата на инвеститорите е поголема и тие наплатуваат пониска цена за капиталот кој ни го позајмуваат.
Довербата на инвеститорите се огледа и во тоа што тие се подготвени да вложуваат во подолгорочни државни хартии од вредност. На пример, годинава издадовме 30-годишни државни обврзници и имавме огромен интерес од инвеститорите. Порано, најдолгорочна државна обврзница издадена на домашниот пазар беше 15 годишна. Ова значи дека инвеститорите имаат многу повеќе доверба во сегашните економски политики, па ги вложуваат своите средства на подолг рок. Понатаму, со издавањето на подолгорочни државни хартии од вредност се подобрува структурата на државниот долг и ќе биде полесно неговото сервисирање.
Правиме постепена фискална консолидација, односно постепено од година во година го намалуваме планираниот минус во буџетот за да го намалиме задолжувањето.

Направивме систем за справување со скриениот долг кој го наследивме од претходната влада. Тоа е оној долг на институциите, општините, фондовите за кој немаше евиденција. Сега имаме систем од три чекори - евиденција, исплата и механизам за спречување на настанување на нови заостанати обврски.

Фискалната транспарентност е најдобра алатка за домаќинско трошење на државните пари

Спомнавте дека преку веб-платформа граѓаните ќе имаат увид во исплатите од Трезорот. Од кога ќе стартува тоа и како обичниот граѓанин ќе може да провери како државата ги троши неговите пари?

„Отворени финансии“ или „Open Finance“ е чекор понатаму во нашите напори за поголема фискална транспарентност. Фискалната транспарентност е најдобра алатка за подобро управување со јавните финансии, бидејќи јавноста е најдобар контролор за домаќинско трошење на државните пари.

Овој портал, кој наскоро ќе стартува, ќе содржи податоци за трошењето на парите на граѓаните, односно за што се трошат парите, колку и кон која институција се вршело плаќање од буџетот и слично. Во првата фаза ќе бидат достапни податоците за буџетските корисници на централно ниво, а потоа и на единиците на локалната самоуправа. Податоците ќе бидат објавени во лесно достапни формати, кои подоцна ќе бидат лесно обработливи.

Би сакал да истакнам дека ова не е првпат да искористиме веб-платформа за да ги направиме податоците подостапни до граѓаните. „Граѓанскиот буџет“ годинава доби веб-апликација. Со тоа на граѓаните на еден многу приемчив начин им се ставени на располагање податоците за приходите и расходите во буџетот. Претходно направивме и платформа за јавните набавки, која на корисниците им дава пристап до многу корисни статистики. Сето ова се механизми за поголема транспаретност и достапност на податоци.

tevdovski4 654c4

Подобар животен стандард, социјална правда и евроатланските интеграции се приоритетите во Буџетот за годинава

Неодамна Собранието го усвои Буџетот за 2019 година. На што ќе троши државата годинава?

Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО. Ова се клучните цели и приоритети на Владата, што е рефлектирано и во Буџетот за 2019 година.

Предвидени се вложувања во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените; повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал; повисоки плати во образованието и градинките; целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток; историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции; повеќе средства за поддршка на фирмите; како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата.

За капитални инвестиции се издвојуваат 26 милијарди денари. Во 2019 година планирано е инвестирање во повеќе области. За капитални расходи за патната и железничка инфраструктура планирани се 5,2 милијарди денари. За капитални инвестиции во енергетска и комунална инфраструктура проектирани се 5,5 милијарди денари. За уредување на технолошко индустриските развојни зони планирани се 631 милиони денари. За здравствениот сектор планирани се капитални инвестиции во износ од 1,3 милијарди денари. За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции во износ од 2,8 милијарди денари. Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 3,3 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Со Буџетот годинава предвидувате повисоки плати за јавниот сектор. Има општа слика дека јавниот сектор е гломазен и нефункционален. Зошто се решивте на ваков чекор?

Прво, сакаме подобар животен стандард за сите граѓани, односно поголеми плати за сите, и за приватниот и за јавниот сектор. Второ, сакаме подобри јавни услуги за граѓаните, а подобро платени вработени подобро работат.

Во јавниот сектор, кај повеќето дејности платите не се корегирани повеќе од една деценија. Поради тоа имаме одлив на лекари од јавното здравство. Имаме ниски плати во образованието, во детската грижа, културата. Сакаме граѓаните да ги бараат најдобрите лекари во јавното здравство. Сакаме мотивирани наставници, кои ќе ги учат учениците, а нема само да испредадат лекција. Сакаме одбрана согласно НАТО стандардите. Сакаме функционална администрација, која ќе биде главен носител на евроатланските интеграции. Затоа истовремено се работи и на реформа на јавната администрација.

И не само во јавниот сектор-правиме притисок врз раст на платите и во приватниот сектор. Ги видовме сите ефектите од покачувањето на минималната плата. Имаме раст на просечната плата минатата година од скоро 6%. Имаме двоцифрен раст на платите кај најмалку платените сектори, како кожарската, текстилната и индустријата за производството на облека - оние кои пред мерката на Владата беа и под минималецот. Тука се и мерките за поддршка на претпријатијата, кои поддржуваат исплата на повисоки плати.

Годинава намалување на невработеноста, раст на платите и инвестициите

Кои се очекувањата за годинава на економски план. Ќе биде ли подобра од минатата година?

Очекувањата за годинава е дека платите ќе продолжат да растат. Ќе се креираат нови работни места. Се очекува да се интензивираат инвестициите. Да се продолжи со агендата со евроатланските интеграции.

Политичката стабилност, отворањето на евро-атлантските перспективи и враќањето на довербата кај инвеститорите ќе придонесат кон раст на приватните инвестиции. Дополнителен инпут кон инвестициите ќе има и забрзувањето на поголемите јавни инфраструктурни проекти. Очекуваме бруто-инвестициите годинава да бидат повисоки за 4,2% на реална основа. И во надворешната трговија очекуваме да продолжат позитивните движења, со очекуван реален раст на извозот на стоки и услуги од 8,5%, при реален раст на увозот од 6,8%.

Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, реалниот економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2%. Ова е во согласност со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (ММФ-2,8%, Светска банка-2,9%, НБРМ-3,5%).

Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Оттука, проекцијата за раст на бројот на вработени изнесува 2,1%, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на 20%. Просечниот раст на нето-платата се очекува да изнесува 4,5% на номинална основа.

Продолжуваме и со спроведување на реформите во јавните финансии. Во текот на 2019 година треба да имаме нов закон за буџети. Очекуваме година со натрупана агенда.
Во 2018 година завршивме големи, крупни реформи. Ефектите од нив допрва ќе се почуствуваат. Така 2019 година ќе биде година за економски резултати.

tevdovski5 6a991

Колку пристапувањето кон НАТО би имало влијание кон подобрување на економијата?

Искуствата од другите земји покажуваат висок раст на странските директни инвестици по влезот во НАТО Алијансата. Ако се земе просек од пет години пред и по пристапувањето на нашите соседи Бугарија и Албанија, се забележува неколкукратен раст на странските инвестиции.

Кај Бугарија, странските директни инвестиции, анализирано пет години пред и по влезот во НАТО, се скоро три пати повисоки, односно од 7 проценти на 19,8 проценти од БДП. Кај Албанија тие се двојно поголеми, или од 5 проценти на 9 проценти од БДП и тоа во време на светската економска криза. Значи, ефектите можеле да бидат и поинтензивни. Кај Романија, исто така има висок раст, од 2,8 проценти на 7,2 проценти по пристапувањето во НАТО, кај Чешка од 3,2 на 7,7 проценти. Тоа е прилив на свеж капитал, нови фабрики, нови производствени капацитети, нови работни места, нови производи, пренесување на know-how.

Стабилноста и меѓународниот статус кои ги носи членството во НАТО, влијаат на одлуките за инвестиции, како на домашните, така и на странските инвеститори.

Земјата ќе има подобар меѓународен статус, ќе биде во друштво со најразвиените земји. Во земјите кои пристапија кон НАТО во 2004 година, просечниот раст на извозот се зголеми од 6,8 проценти во периодот пред зачленувањето во НАТО на 11,8 проценти во периодот по пристапувањето во НАТО.

e-max.it: your social media marketing partner

Please publish modules in offcanvas position.