Пендаровски за МИА: Нема да барам поголеми надлежности за претседателот, но ќе се спротивставам на обидите за намалување на постојните

Пендаровски за МИА: Нема да барам поголеми надлежности за претседателот, но ќе се спротивставам на обидите за намалување на постојните

  Речиси е сигурно дека ќе има втор круг претседателски избори бидејќи праговите поставени за евентуална победа во првиот се нереално поставени, вели во интервју за МИА, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Доколку ја добие довербата од граѓаните, нема намера да бара повеќе надлежности за институцијата претседател, но жестоко ќе се спротивстави, нагласува, на евентуални обиди да се намалат тие надлежности. Ќе се залага за континуирано зголемување на буџетот за одбраната и Армијата, како и тоа претседателот на државата да биде не само врховен командант на вооружените сили, туку да биде и на чело на националната безбедност. Во таа насока, во интервјуто, меѓу другото, посочува дека со најавените измени во разузнавачко-безбедносниот сектор, претседателот треба да задржи значаен дел од надлежностите што сега ги има во таа т.н. координација на тој сектор, без да биде донесен во подредена ситуација.

Во интервјуто за МИА, Пендаровски информира дека сè уште нема добиено одговор од МВР за тоа од кого бил следен, но уверен е дека професионално, како што рече, ќе го истуркаат целиот процес до крај.

Да нема дилеми, истакнува во интервјуто Пендаровски, Македонците каде било да живеат во светот, од Австралија до Канада, зборуваат македонски јазик. Дали практиката во Грција навистина го имплементира тоа што сега го кажувам, подвлекува, тоа е внатрешна политика на државата. Нашите што живеат таму ќе си ги бараат своите права уште полесно доколку земјава стане членка на ЕУ, вели Пендаровски во интервјуто за МИА. За него, еквидистанцијата е надминат концепт во однос на односите со соседите, а освен форсирање добрососедство, нагласува, земјава нема ќар од друг концепт.

Во интервјуто говори и за пописот, кој според владина одлука треба да се спроведе првата половина од 2020 година, за трендот на иселување на младите…

 

Унапредување на меѓуетничката кохезија, со инклузија на сите етнички заедници во институциите на системот и држава интегрирана во евроатлантските структури ќе бидат Вашите две политички цели што ќе ги промовирате на изборната кампања. Како ќе го спроведете тоа? Граѓаните ќе бараат појаснување на трибините, како ќе ги придобиете  нивните гласови?

–  Тоа се двата столба на кои оваа држава може и мора да се потпира, инаку нема да видиме прогрес. Последнава дебата што беше во делот на, условно речено, првиот столб е Законот за јазици. Тоа е последното нормативно парче од Рамковниот договор, имавме Закон за јазици во 2008 во 2011 година и сега правиме уште поголема екстензија на амандманот пет што произлегува од Рамковниот договор, за да им дадеме на нашите сограѓани Албанци уште поголеми права во она што го предвидуваат Законот и Уставот. Ако не го направиме тоа, ќе има извесно незадоволство, не кај политичките субјекти на Албанците, туку кај обичниот Албанец, дека неговите права запишани во Уставот, а доаѓаат од Рамковниот договор, не се реализирани во целост. Зошто да имаме толку голема етничка заедница која ќе биде незадоволна. Зошто тоа да не го направиме и да постигнеме поголема инклузивност во системот, сега говориме за Албанците, со што се зголемува внатрешната кохезија на државата.

Првиот столб е Македонија да биде внатре колку што е можно посплотена, не само Македонци и Албанци, има и други кои ние често ги запоставуваме, тие се околу 10 проценти по оној стар попис. Голема групација наши граѓани се на маргините бидејќи за нив не пишува во Рамковниот договор. Мислам дека и тие можат како добар кадровски потенцијал да помогнат во одењето на државата напред. Има јасна и чиста спрега – поголема демократија, поголем економски напредок, поголема интегрираност во глобалното општество, поголеми резултати внатре. Изолирани, тргнати настрана, сте блокирани, сами не може да се развиваат ниту Американците ниту Јапонците, а камоли Македонија со овој потенцијал, со оваа местоположба, па ако сакате и со оваа доста лоша досега историја на Балканскиот Полуостров.

Неопходно ли е сега да се направи пописот?

–  Не мислам дека е неопходен пописот, од аспект на оние кои го бараат гласно, некои од политичарите. Според мене, тоа е небулозна теза да се види дали Албанците се стварно 20 проценти и дали им припаѓаат сите права што им ги имаме зацртано, а тие велат дадено според Рамковниот договор. На прашање на една трибина дали ако Албанците утре на некој иден попис излезе дека се под 20 проценти треба да им ги земеме правата, им реков дека во демократија само се додаваат правата за сите, не се одземаат. Како држава од давање повеќе права на граѓани кои живеат во твојата, во нашата држава, може само да профитираш. Со одземање права што претходно сте ги имале создавате само конфликтност, само расправии. Не мислам дека Албанците се под 20 проценти, исто како што знам дека Македонците не се 64 проценти според оној попис што го имавме на времето. За жал, сите етнички заедници се многу помалку од тоа што е преброено во 2002 година.

Владата донесе одлука во првите месеци од доаѓањето на власт во 2017 година, дека пописот ќе биде во првата половина на 2020 година. Првите две години беа предвидени за широки експертски консултации со луѓе однадвор, за да се направи најдобриот модел и да го примениме и да добиеме најдобри резултати. Според мене, пописот не е битен толку за етничките права, тие се тука и можеме само да ги унапредуваме, туку исклучително е значајно да имаме вистинска бројка луѓе кои живеат овде за правилно да ги димензионираме здравствените политики, образовните…

Каква политика ќе водите со соседните земји – добрососедство, еквидистанција… Склучен е договорот со Грција и договор со Бугарија, но остануваат, да речеме, отворени прашања со Србија, какви ќе бидат односите со Косово и Албанија?

–  Еквидистанцијата е надминат концепт. Во раните 90–ти години можеби било нужно заради некои историски рецидиви. Освен форсирање добрососедство, ние немаме ќар од друг концепт. Ова што го направи Владата, предводена од Заев, договорот со Бугарија, особено со Грција, отстрани две големи пречки на патот кон ЕУ и НАТО. Објективно, зборувајќи за петте соседи, Македонија нема ниту едно отворено политичко прашање. Со Србија е прашањето на црквите, но во секуларни држави тоа не е политичко прашање, така што и со Србија немаме отворено прашање што го попречува нашиот билатерален развој.

Најчесто Ви забележуваат за изјавите дадени за промената на уставното име на државата. Што ќе им кажете на граѓаните за јазикот на кој говорат Македонците кои живеат во северниот дел на Грција? Како ќе ги спречите младите да се иселуваат од државата? Ќе говорите ли за тоа прашање, како едно од посимптоматичните за огромен дел од граѓаните?

–  Не постои подобра варијанта од оваа да се интегрираме во пошироките интеграции, за и младите да имаат поголеми шанси. Со изолација на младите можеме да им кажеме дека овде нема перспектива. Во 10-те години на Груевски и неговата влада, статистичките процени во тоа време кажуваат дека имаме најголемо иселување во историјата на независна Македонија.

Не велам дека тие трендови ќе запрат, нема држава од која не се иселуваат. Меѓутоа битно е да имате избор, дали имате шанса за работа или работите, а сакате уште повеќе да заработите и да живеете уште подобро и за тоа избирате да одите надвор. Или втората варијанта во време на тоа ВМРО–ДПМНЕ вие просперирате само ако сте член на таа партија или сте близок на таа фамилија на власт, а сите други не постоеја. Многу е битно дали сте натерани да ја напуштите државата или вие во државата имате шанса, а самите донесувате одлука да заработите и можете повеќе.

И пред пет години во кампањата велев дека е неопходен државен консензус. Сите крупни, особено парламентарни структури да се обединат околу една позиција, бидејќи Грција имаше со години црвена линија, ние немавме широка државна црвена линија на Македонија. Во 2014 година почнува кампањата и еден од вашите колеги ме праша кој е вашиот став и го кажувам овој став и ми вели што мислите, а почната кампањата, а тие одат на преговори кај Нимиц. Велам во изборен период не се става асфалт на локална улица, чешма не се отвора, а не да се оди на преговори без да прашате никого од опозицијата. Да Ве потсетам на една срамна изјава на тогашниот премиер, кој во 2010/2011 година го прашуваат зошто воопшто не ја каните тогашната опозиција да се обидете да направите консензус. Тој вели со кого да преговарам – со Црвенковски, па тоа е исто како да преговарате со некој Грк. Ние не сме биле повикувани воопшто. Оваа влада на чело со Заев во неколку наврати ги повикуваше и во два наврати имаше лидерски средби и со Иванов и со Мицковски, за жал, тие не сакаа да учествуваат во тој процес. Политичката намера на двата главни блока во државата е јасна, сега ние ги повикуваме и допрва ќе ги повикуваме. Ако ја добијам довербата по 5 мај и станам претседател на државата, моја задача ќе биде да направам натпартиски форум на кој ќе се разговараат најстратешките прашања за државата, со учество на стручната јавност, но задолжително со учество на најголемите опозициски партии.

Немаме никаква дилема. Ако си Македонец, го зборуваш македонскиот јазик, сосема небитно каде живееш, дали во Грција, дали во Канада, дали во Америка, дали тука во Република Северна Македонија. Македонски јазик не зборуваат други националности, други етникуми во светот, само Македонците. Грците зборуваат грчки јазик. Немам никаква дилема. Дали практиката во Грција навистина го имплементира тоа што сега го кажувам, тоа е внатрешна политика на таа држава и таму нашите што живеат ќе си ги бараат своите права уште полесно ако Македонија, се надевам наскоро, стане членка на ЕУ. Македонскиот јазик е потврден, влезен во номенклатурата на ОН, во личната карта на нашата држава стои македонски јазик и нема ниту фуснота. Македонски јазик зборуваат само Македонците. Постои категорија т.н. грчки Македонци што се нарекуваат, меѓутоа тие не зборуваат македонски јазик. Да повторам, да нема дилеми, Македонците каде било да живеат во светот, од Австралија до Канада и во нашата земја, зборуваат македонски јазик. Јас сум Македонец, зборувам и англиски јазик, меѓутоа мој мајчин јазик е македонскиот.

Рековте дека Вашиот противкандидат се залага за поништување на Преспанскиот договор, па дури и на Рамковниот договор. Можно ли е тоа да се направи или станува збор за изборна реторика?

–  Мене ми се чини дека тоа е предизборна реторика. Можеби Силјановска верува во тоа дека е можно, јас ви тврдам дека тоа е практично неизводливо. За да го поништите овој договор, не ни треба само волја нам тука во Скопје. Договорот има и друга страна од Атина и има меѓународен гарант, потпишан е и Метју Нимиц, како специјален пратеник на генералниот секретар на ОН. Вие морате да ги убедите меѓународните гаранти дека е неопходно да стартувате нови преговори за името и, се разбира, во Атина зависи кој ќе биде на власт, да ѝ кажете на таа влада да дојдат на преговарачка маса. Ако тие не се согласат и меѓународниот фактор не се согласи, ние можеме само дома во Скопје да си правиме муабет меѓу себе, нема да можете да ги обновите договорите. Ако мислат дека со тим меѓународни експерти ќе направат толку јаки аргументи и ќе ги убедат 5-те членки на Советот за безбедност и Владата во Атина, која може да биде и порадикална за нас, тогаш ќе им подадам рака и ако успеат да направат подобар договор ќе го прифатам и ќе го потпишам со две раце. Но, се плашам дека тоа е фрлање прашина во очи на обичниот македонски гласач. Ве уверувам дека и досега ова што беше направено не беше каприц на еден или двајца, Заев и Димитров седнале и потпишале сè што им поттуриле Грците. Цели тимови работеа со месеци, помагаа и домашни и меѓународни експерти и во тој момент со потврда и на најголемите држави во светот беше постигнат овој компромис, со кој 100-процентно е заштитен идентитетскиот комплекс на македонската нација. А во делот на нашиот дел од компромисот е додадена само географска детерминанта, ништо повеќе од тоа.

Каква кампања ќе водите? Досега се покажа дека сте цел на провокации, напади, па често и дискредитации. Ќе одговарате како професор, интелектуалец или како политичар и кандидат кој по секоја цена со спуштање на нивото на говорење треба да ги добие овие избори и покрај тоа што потпишавте Кодекс за фер и демократски избори?

–  И во 2014 година, кога медиумите беа под тотална блокада, објективно кажано, бев спремен на валкана кампања. Сега со социјалните мрежи, кои се незадржливи, тоа само уште повеќе е проширено. Ниту можам ниту сакам да влијаам на тоа што оди како валкана или подземна кампања. Се надевам дека моите формални противкандидати Река и Силјановска ќе го почитуваат Кодексот за тоа дека кампањата ќе биде на високо ниво и ќе промовираме нова политичка култура во дебатирањето за најважните прашања од надлежност на претседателот на државата. Нема да се навредуваме и во тоа сум доста сигурен, но никој од нас не може да гарантира што сè може да се случува на тие социјални мрежи.

Ова Ви е втора претседателска кандидатура, претходно ја изгубивте трката од Ѓорге Иванов. Зошто повторно прифативте да бидете, како што рековте, не консензуален, туку заеднички кандидат на СДСМ и коалицијата и на ДУИ. Што се смени во меѓувреме за сега да ја добиете довербата од граѓаните?

–  Во меѓувреме се смени демократскиот амбиент комплетно. Ние бевме заробена држава во тој период, не по моја или ваша констатација, туку според ЕК, според Брисел, од неколкумина. Ниту имавме рамноправен пристап кон медиумите, државните ресурси беа злоупотребувани за партиски кампањи… Главната причина е што сега во демократски амбиент луѓето имаат право да ја кажат својата волја за кандидатите, а тогаш тие тоа го немаа. Во 2014 година јас не изгубив, туку луѓето беа натерани да гласаат за еден кандидат наспроти друг и тој изборен инженеринг во неколку предмети е третиран од СЈО. На локалните избори 2017 година дотогашниот режим беше тотално поразен.

Постои разочараност кај граѓаните и од власта и од опозицијата. Можно ли е кандидатот на албанската опозиција Блерим Река да го повтори резултатот на Селмани?

–  Мислам дека за Река ќе се определат оние кои сепак мислат дека етничката компонента на кандидатите е примарна, сето останато е секундарно. Не мислам дека незадоволството од владејачката структура која постои може да се трансферира во глас за Река. Не тврдам дека ние 100-процентно исполнивме сè што ветивме. И јас имам забелешки за тоа што е досега направено и јас мислам дека во некои сегменти можеше подобро, дека некои кадровски решенија не беа добри. Можеме да зборуваме за степенот на незадоволство, меѓутоа апсолутно се согласувам со перцепцијата на дел од граѓаните дека владејачката коалиција не испорача сè што вети во 2016 година. Тоа го имаат кажано и клучните министри на чело со премиерот. Ќе звучи како оправдување, но факт е дека во оваа година и пол наназад оваа владејачка коалиција се зафати со решавање на најголемите проблеми во оваа земја, кои 30 години наназад никој не ги решавал. Огромна енергија се потроши на договорот со Грција и многу малку време остана да се посвети на економско–социјалната сфера, која беше и остана најважниот предизвик за сите наши граѓани. Ова ќе биде првата исклучиво економска година и првите економски индикатори покажуваат дека целиот фокус на Владата води кон тоа и првите резултати се доста охрабрувачки на тој план. Имаме првпат историска посета на грчки премиер, но не е толку битно од аспект што е прва, туку од аспект што доаѓаат околу 200 грчки компании, меѓу кои се најголемите што прават профит од милијарди долари на годишно ниво и имаат интерес за инвестиции тука. Ако имаат интерес странските инвеститори за оваа нова македoнска реалност, и домашните инвеститори ќе најдат есап.

Според Вас, ќе имаме ли втор круг претседателски избори?

–  Да, скоро сигурно, бидејќи праговите што се поставени за евентуална победа во првиот круг се нерелно високи. Нереално затоа што сите знаеме каква е состојбата со гласачкиот список. Над 400 илјади луѓе според некои процени се иселени, а се на избирачкиот список, а не гласаат ниту во дијаспората. Имаме едвај нешто над 1.800 граѓани кои се пријавија да гласаат во дијаспората. Значи треба околу 900 илјади луѓе за еден кандидат во првиот круг, што е невозможно со ваква состојба на избирачкиот список. За да победи некој во првиот круг потребно е 50 плус 1 да ги освои гласовите, а не е битна излезноста, додека во вториот круг е сосема реално да се стигнат 723 илјади излезност под услов главната опозициска партија да не го повтори своето однесување од референдумот минатата година.

Во однос на гласањето на дијаспората Пендаровски смета дека има простор за промени. Можеби треба како некои држави да се гласа по пошта преку интернет со сите можни заштити. На дијаспората, оценува, треба да ѝ се овозможи на практичен начин да го направи тоа.

Доколку овој пат ја добиете довербата, дали ќе барате поголеми надлежности за институцијата претседател? Каква би била Вашата соработка со Владата и Собранието, нивен коректив и ќе балансирате или само ќе амнестирате и ќе доделувате ордени, признанија, благодарници?

–  Немам намера да барам повеќе надлежности за претседателот, мислам дека во целината на нашиот политички систем тие се добро поставени, но жестоко ќе се спротивставам на евентуални обиди да се намалат тие надлежности. Улогата на претседателот со минимални корекции мислам дека е генерално добро поставена. Ако имаш визија, образ, ако си човек со интегритет и знаеш што треба да направиш за државата, мислам дека има добра позиција и да ја контролираш Владата и да се бориш за интересите на граѓаните. Во овој дел дали само ќе аминувам што ќе прави оваа или некоја следна влада или ќе критикувам или само ќе критикувам, како што прави досегашниот т.н. претседател, мислам дека мене ми е таа ситуација дополнително засилена затоа што јас сум непартиски кандидат, поддржан од 31 политичка партија, 32 илјади граѓански потписи и над 60 пратенички. Не сум член на политичка партија и моето досегашно политичко дејствување покажа оти сум знаел да ги задржам својата независност и интегритет како човек, не само како политичар, така што ако бидам избран било оваа влада или некоја следна, независно дали ќе има кохабитација во таа политичка смисла, ќе бидам тој што сум бил досега и ако нешто не е во интерес за граѓаните, закон, не може да помине и ќе го вратам назад.

Речиси целиот Ваш професионален работен век е во областа на безбедноста. Што прво ќе преземете како врховен командант на Армијата? Се согласувате ли со направените измени во однос на надлежностите и ингеренциите на претседателот за безбедносните служби? Со новиот предлог-закон за Националното координативно тело за време на јавните расправи беше констатирано дека му се дава преголема моќ на премиерот?

–  Во армискиот дел во изминатите две години работите одат добро, иако Армијата во 10–те години на владите на Груевски беше комплетно запоставена. Последниот буџет за Армијата пред Груевски да дојде на власт беше околу 120 милиони евра, а последниот пред да замине околу 54 милиони евра. Ние се обврзавме кога ги водевме преговорите со НАТО дека во следните пет години ќе го креваме процентот секоја година за 0,2 проценти од БДП за да дојдеме до два проценти од БДП за одбраната. Тоа веќе го правиме, повеќе ресурси за Армијата. Ќе се залагам тоа темпо да се задржи, бидејќи тоа е неопходно, не можете да имате само армија на хартија, ако тие немаат основна опрема, па и средства за живот да дадат максимум, ако не им создадете услови.

Во разузнавачко-безбедносниот комплекс ги видов  работните текстови и доколку бидам избран, имам намера од првиот ден да се вклучам во дотерување на тој текст. Таму постојат неколку верзии, во една од верзиите се форсира улогата на премиерот наспроти улогата на претседателот. Мислам дека тука има работа за претседателот, се разбира, ако не мисли да го аминува само тоа што премиерот го кажал, а јас не сум од тие. Мислам дека претседателот треба да задржи значаен дел од надлежностите што сега ги има преку таа т.н. координација на тој разузнавачко-безбедносен комплекс и не смее да биде донесен во подредена ситуација. Во мојата политичка програма во еден дел стои претседателот врховен командант на вооружените сили и на националната безбедност.

Колку земјава е безбедна држава во однос на современите облици на тероризам и екстремизам во насока на последното предупредување од МВР за можен терористички напад од страна на Исламската држава? Го добивте ли одговорот од МВР за тоа кој ве следеше?

–  Генерално, по добивањето покана за НАТО, безбедносните трендови почнаа да одат кон смирување во однос на Македонија. Интересот на некои големи сили малку се намали, затоа што извесно е дека ќе станеме членка на НАТО или до крајот на годинава или првите месеци во 2020 година. Во делот на безбедносните закани ние имаме други проблеми слични со останатите регионални држави што ги имаат, мислам на оние кои се повратници од блискоисточните боишта. Ние имаме над стотина кои таму војуваат, се враќаат и ние сами за себе немаме ресурси тоа да го следиме секаде низ светот каде што одат на обуки и учествуваат во воени дејства. Затоа е добро што де факто сме членка на НАТО и веќе добиваме корисни информации од нашите партнери и други членки на Алијансата.

А за одговорот од МВР?

– Мислам дека е најдобро од позиција на кандидат за претседател, особено во изборен период да не го коментирам тоа прашање да не се сфати дека вршам некаков политички притисок врз нив. Се надевам дека тие си ја знаат својата работа и професионално ќе го истуркаат целиот процес до крај.

Please publish modules in offcanvas position.