Хан за МИА: Уверен сум дека ЕУ ќе одобри старт на преговори пред летото

Еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за МИА изрази силно уверување дека земјите членки на ЕУ пред летото ќе одобрат почеток на преговори со Северна Македонија и го поздравува „впечатливиот“ реформски напредок во земјата, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Хан оценува дека земја е апсолутно подготвена да ги стартува преговорите, по испорачаните резултати и постигнатиот историски договор со Грција и спогодбата за пријателство со Бугарија, со што докажа дека и и најдолгите спорови во регионот можат да бидат решени.

Нагласува дека пристапниот процес не е еднонасочна улица, туку се гради врз одговорност од двете страни.

– Ако земји како Северна Македонија ги исполнуваат тешките услови, со жртви за населението и висок политички и личен ризик од страна на владата, тоа мора да биде препознато со тоа што ќе се турне земјата напред кон ЕУ. Ако нашите партнерски земји исполнуваат, нашите земји членки мораат исто така да исполнат, оценува Хан.

Таквиот чекор на ЕУ, истакнува еврокомесарот, не е само само награда за постигнувањата на индивидуалните земји туку и неопходен поттик и охрабрување за целиот регион да го задржи реформскиот напор. Интеграцијата на Западниот Балкан е инвестиција во стабилноста на Унијата и зачувување на нејзините политички, економски и геополитички интереси, вали Хан во интервјуто за МИА.

Дали е Северна Македонија подготвена да започне преговори со ЕУ?

– Апсолутно. Северна Македонија не само што испорача за својата амбициозна реформска агенда, посебно во областите истакнати од Советот во јуни 2018, туку и постигна историски договор со Грција, докажувајќи дека дури и најдолгите спорови можат да бидат решени на Западниот Балкан со политичко лидерство, одлучност и посветеност во службата за интересите на земјата и граѓаните. Со Преспанскиот договор и договорот за пријателство со Бугарија, Северна Македонија стана брилијантен пример за помирување и добрососедски односи за целиот регион, ова се важни барања кои се во срцето на нашата стратегија за Западниот Балкан.

Колкав е напредокот во однос на четирите клучни критериуми поставени лани во Советот?

Имаше навистина впечатлив напредок: на пример, има конкретни резултати постигнати во зајакнувањето на независноста на судството, конзистентни резултати во истрагите, обвиненијата и конечните пресуди за корупција и организиран криминал, вклучително и од високо ниво. Државната Комисија за спречување корупција презема важни чекори на проактивен начин во борбата против корупцијата, вклучително и против високи функционери од целокупниот политички спектар. Има гаранции во делот на разузнавачките и безбедносните служби, во соработка со НАТО и стратешките партнери за да се спречи повторна појава на сериозните проблеми од минатото, како прислушкувањето. Има напори за професионализација на јавната администрација и се преземаа чекори од страна на ДКСК против наводни партиски назначувања, а работата со опозицијата за финализирање на законот за СЈО е при крај.

Како ја проценувате генерално политичката ситуација во земјата?

Реформите се водат на инклузивен и транспарентен начин со вклученост на опозицијата и граѓанското општество, генерално вратена е поделбата на власта, со што се консолидира демократијата и владеењето на правото во земјата. Исто така медиумските работници и организации велат дека има подобрена клима во однос на слободата на изразување, а претседателските избори поминаа на мирен и транспарентен начин, со што земјата покажа демократска зрелост. Треба да се каже дека земјата навлезе во еден трансформациски процес во однос на сите области, политики, јавна администрација и во општеството.

Како гледате на резултатите од европските избори, посебно во Франција, и како мислите дека ова ќе се одрази на одлуката на земјите членки за одобрување датум за старт на преговори?

Како што очекував, европските избори донесоа едно безбедно проевропско мнозинство. Со оглед на тоа дека европската перспектива за Западниот Балкан повеќепати беше потврдена и со оглед на убедливиот напредок кој го направи Северна Македонија, уверен сум дека земјите членки ќе дадат зелено светло пред летото. Пристапниот процес не е еднонасочна улица, туку се гради врз одговорност од двете страни. Ако земји како Северна Македонија ги исполнуваат тешките услови, со жртви за населението и висок политички и личен ризик од страна на владата, ова мора да биде препознато со тоа што ќе се турне земјата напред кон ЕУ. Како што секогаш велам: ако нашите партнерски земји исполнуваат, нашите земји членки мораат исто така да исполнат. Ова не е само награда за постигнувањата на индивидуалните земји туку е потребен поттик и охрабрување за целиот регион да го задржи реформскиот напор. Интеграцијата на Западниот Балкан е инвестиција во стабилноста на Унијата и зачувување на нејзините политички, економски и геополитички интереси. Една од приоритетните цели дефинирани во Сибиу беше да се стане вистински глобален играч. Каде на друго место да започнеме ако не во нашето непосредно соседство? Алтернативата би била да им се остави регионот на нашите конкуренти кои имаат своја политичка агенда.

И да не заборавиме: во случајот со Северна Македонија станува збор за отворање преговори. Има уште долг пат до членство, но треба да и се даде шанса за старт на прегвоори на Северна Македонија, која покажа убедлива посветеност кон стратешката евроатлантска цел.

Кои би биле ризиците ако се одложи одлуката за септември и би можело ли тоа да има импакт врз стабилноста на земјата?

Како што реков, уверен сум дека земјите членки ќе дадат зелено светло за Северна Македонија пред летото. Овој сигнал е потребен за консолидирање на реформскиот напредок во земјата и на Преспанскиот договор. Ако ЕУ не испорача од своја страна, граѓаните би можеле да изгубат доверба во европската перспектива. Реформската динамика би можела да ослабне, не само во Северна Македонија туку во целиот регион, ова не е во интерес на ЕУ.

Please publish modules in offcanvas position.