Интервју | Францускиот амбасадор Тимоние: Треба да се зајакне владеењето на правото

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние беше сведок на сите големи историски настани кои се случија во Северна Македонија во последните години, како што е промената на името. Но, г-дин Тимоние не беше само обичен следач на настаните, туку тој беше активно вклучен во решавањето на сите спорови од историска важност за земјата и важи за еден од најактивните амбасадори. Во текот на неговиот мандат развивме многу блиски односи и како редакција на ЗАМАН Македонија имавме повеќе средби со него. По повод 100 годишницата од завршувањето на војната помеѓу Германија и Франција Тимоние ѝ се обрати на македонската јавност преку весникот ЗАМАН Македонија. Денес имаме посебна чест да ви го преставиме последното интервју на амбасадорот каде што даде посебна перспектива на настаните што се случија во текот на неговиот мандат.

ГОСПОДИНЕ АМБАСАДОР, СЕ БЛИЖИ КРАЈОТ НА ВАШИОТ МАНДАТ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА. КАКО ГО ОПИШУВАТЕ ПЕРИОДОТ КОЈ ГО ПОМИНАВТЕ ТУКА?

Овој мандат помина во знакот на големи промени: тие конкретно се манифестираа со самото симболично влегување на земјата во НАТО и пред сè, со повторното отворање на патот на земјата кон Европската унија. Франција целосно ја поддржува таа перспектива.

ФУНКЦИЈАТА АМБАСАДОР ЈА ИЗВРШУВАТЕ ВО НАЈТЕШКИОТ ПЕРИОД ЗА НАШАТА ЗЕМЈА. СЕКОГАШ ПОТЕНЦИРАВТЕ ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ ПРАВАТ РЕФОРМИ. КАКО ГИ ОЦЕНУВАТЕ ДОСЕГАШНИТЕ РЕФОРМИ? ДАЛИ СМЕТАТЕ ДЕКА СЕ ДОВОЛНИ ЗА ЕДНА ЗЕМЈА, КАНДИДАТ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ?

Во извештаите на Европската комисија се нотирани значајни активности во областа на законодавството и промени во позициите. Создадена е полиберална општа клима во важни области што ја приближуваат земјата до европските практики. За среќа, беше затворен еден период на либерално отстапување. Останува да се применат донесените закони, да се спроведат непристрасно реформите во областа на правосудството и на администрацијата, како и борбата против корупцијата и да се избегне ризикот од повторно заробување на државата од кои било политички структури. Би било пожелно членките, како што е Франција, кои посакуваат земјата да се квалификува што е можно побрзо на нејзиниот европски пат, да може да видат дека постои приближување кај партиите во врска со напредувањето кон Европската унија.

АМБАСАДОРЕ, КОАЛИЦИЈАТА ЗАЕВ – АХМЕТИ ЈА ОБЈАВИ ВЛАДИНАТА ПРОГРАМА. КОИ СЕ ОЧЕКУВАЊАТА НА ФРАНЦИЈА ЗА ИДНИОТ ПЕРИОД НА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ЗАЕВ И АХМЕТИ.

Коалициските партии се согласија да спроведат низа реформи што беа очекувани од ЕУ. Се разбира, од нив се очекува да покажат способност за заедничко работење во насока на исполнување на зацртаната агенда. Тоа го вклучува и пописот на населението според европските критериуми на „Евростат“, кој со нетрпение се очекува.

ШТО МИСЛИТЕ ЗА „ВЕТИНГОТ“ ОБЈАВЕН КАКО ДЕЛ ОД СУДСКИТЕ РЕФОРМИ КОИ СЕ ОБЈАВЕНИ НО ЗА КОИ СÈ УШТЕ НЕ Е ПРОНАЈДЕН МЕХАНИЗАМ ЗА НИВНО СПРОВЕДУВАЊЕ?

Ветингот е радикална постапка што заслужува внимателно да се разгледа за да не се наруши правниот систем и да не се предизвика манипулација или притисок од страна на оние што го спроведуваат. Искуствата во оваа област заслужуваат внимателно да се одмерат. Од друга страна, ние ја даваме целата наша поддршка за избор и обука на судии и јавни обвинители, а потоа и промоција според критериумите што го гарантираат нивниот квалитет и независност. Општо земено, традиционалното вршење притисок од страна на извршната власт треба да се замени општо прифатена неутралност.

ФРАНЦИЈА И НЕКОИ ДРУГИ ЗЕМЈИ МИНАТАТА ГОДИНА СЕ СПРОТИВСТАВИЈА НА ОТВОРАЊЕТО НА ПРЕГОВОРИТЕ СО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА, ДУРИ ДОДАДОА УШТЕ НЕКОЛКУ ПОГЛАВЈА. ЗОШТО ФРАНЦИЈА ИЗРАЗИ ПОИНАКВО МИСЛЕЊЕ ОД ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ?

Франција, заедно со други земји, побара патот кон членството во ЕУ да биде пореален и подобро да одговори на проблемите на засегнатите земји. На тој начин, напредокот ќе биде соодветно награден, а, доколку е потребно, ќе може да се земе во предвид секое стагнирање, како и можните назадувања. Се работи за тоа да им се помогне на земјите во нивните реформи, така што тие ќе бидат мошне реални и нема да доведат до разочарување или до опстојување на економски и социјални системи, но исто така и на политички план, кои недоволно се насочени кон европските практики и вредности. Повеќе од кога било е потребно консолидирање или создавање на основата на владеењето на правото, што е суштината на европската конструкција, наспроти некои популистички и либерални искушенија.

ОД ДРУГА СТРАНА, СЕГА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ИМА НОВ ПРОБЛЕМ СО СОСЕДНА БУГАРИЈА, КОЈА НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ СТАВИ ВЕТО ДОКОЛКУ НЕ СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ СО ЈАЗИКОТ. КАКО ГИ ТОЛКУВАТЕ ОВИЕ СЛУЧУВАЊА И ДАЛИ ЕУ ЌЕ НАЈДЕ НАЧИН ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ОВОЈ ПРОБЛЕМ?

Досега односите меѓу двете земји напредуваа по потпишувањето на Договорот за пријателство од 2017 година. Сметаме на добрата волја и на европскиот дух на дијалогот помеѓу двете влади, како и на мудроста на различните политички актери да не отстапуваат од овој поволен курс што е во интерес на двете земји и на регионалната стабилност. Не можеме да увезуваме историски спорови во европската конструкција: сигурно постојат решенија што ќе го зачуваат идентитетот и националната гордост на страните за да може заедно и без незадоволство да се најдат во ЕУ.

Timonier 9d125

ВО ЗЕМЈИТЕ КАДЕ ДЕМОКРАТИЈАТА НЕ Е ЦЕЛОСНО ИМПЛЕМЕНТИРАНА, ПОСТОЈАТ СЕГМЕНТИ ОД ОПШТЕСТВОТО КАДЕ СЕ ПРАКТИКУВААТ НЕПРАВДИ И ТОРТУРА. ПОСТОЈАТ МНОГУ СЛУЧАИ КАДЕ ШТО СЕ КРШАТ ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА. КОИ СЕ ПЛАНОВИТЕ НА ФРАНЦИЈА, ЕДНА ОД НАЈРАЗВИЕНИТЕ ЗЕМЈИ ВО ЕВРОПА, ЗА ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ОД РАНЛИВАТА КАТЕГОРИЈА? КОИ ИНИЦИЈАТИВИ ГИ ПРЕЗЕМА ФРАНЦИЈА НА ТОЈ ПЛАН?

Контекстот на глобалната борба против тероризмот по нападите од 11 септември 2001 година им даде нова важност на тортурата и лошото постапување, против што е уште потешко да се бориме бидејќи се случува на места каде што се држат луѓе во притвор, на тајни или недостапни локации, што де факто е противзаконско постапување. Најчесто тоа се политички противници, припадници на верски малцинства, ЛГБТ лица или лица осомничени за тероризам, кои се предмет на такво постапување. Франција е целосно посветена на борбата против таквата фактичка состојба. Ја ратификуваше Конвенцијата од 1984 година со која се утврдува тортурата како злосторство против човештвото кога се користи на широко распространет и систематски начин. Во мај, Франција го достави својот четиригодишен извештај, кој е задолжителен за 169 држави потписнички. Покрај тоа, заедно со други 83 земји-членки, таа се приклучи кон изборниот протокол кој предвидува можни инспекции на Поткомитетот за превенција. Последниот се одржа во 2019 година. Покрај тоа, Франција е активна во рамките на Обединетите нации, поддржувајќи ги активностите на Специјалниот известувач на Обединетите нации за примена на тортурата и придонесува кон фондот за доброволни прилози за жртвите на тортура. Франција е целосно вклучена во спроведувањето на Упатствата на ЕУ за тортура ревидирани во 2019 година, кои се во основата на конкретното дејствување на земјите-членки. Кога смета дека е соодветно, таа презема чекори со своите европски партнери во корист на индивидуалните случаи констатирани во трети земји. Целосно го поддржува развојот на меѓународните стандарди преку дискутирање со засегнатите држави и развој на меѓународна акција на сите релевантни форуми, особено со цел борба против присилното исчезнување, намерното киднапирање, дискриминација од сите видови и смртна казна, сите тесно поврзани со различните форми на тортура.

НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ПОСТОИ ТЕНДЕНЦИЈА ДА СЕ ВОСПОСТАВИ МИНИ ШЕНГЕН ЗОНА. ДАЛИ МИСЛИТЕ ДЕКА ОВА ЌЕ БИДЕ ОД КОРИСТ ЗА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН, КОИ СМЕТААТ ДЕКА ТОА МОЖЕ ДА ДОВЕДЕ ДО ОДВОЈУВАЊЕ ОД ЕУ? СИТУАЦИЈАТА ВО ЦРНА ГОРА Е МАЛКУ КОМПЛИЦИРАНА. ДАЛИ МИСЛИТЕ ДЕКА ЌЕ ИМА ПРОМЕНА ВО ПОЛИТИЧКАТА НАСОКА?

Сите чекори што се стремат кон зајакнување на односите меѓу населението во регионот, притоа почитувајќи ја нивната европска иднина и се во согласност или соодветствуваат со европските правила, се добредојдени. Целта е да се подобрат комуникациите, да се олеснат економските и човечките контакти, преку разбивање на изолацијата и промовирање на дијалог помеѓу државите. Европската перспектива во рамките на тие договори, се разбира, мора секогаш да биде присутна.

ГОСПОДИНЕ АМБАСАДОР, ВО МОМЕНТОВ СЕ СООЧУВАМЕ СО ЗДРАВСТВЕНА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОВИД-19 КОЈА ВЛИЈАЕ НА ЕКОНОМИИТЕ НА РАЗЛИЧНИ ЗЕМЈИ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ ЗЕМЈИТЕ НА ЕУ И САМАТА ЕУ. МОЖЕМЕ ЛИ ДА ОЧЕКУВАМЕ ЕСКАЛАЦИЈА НА СИТУАЦИЈАТА И ДАЛИ ОВА МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ ПРОБЛЕМИ ВО ЕВРОПСКАТА ЕКОНОМИЈА?

Пандемијата е предизвик за глобалната економија, но тоа е исто така можност за зајакнување на нашата европска солидарност, особено преку финансиски мерки наменети да им помогнат на оние кои се најмногу погодени. Ова е можност да се демонстрира вредноста на европскиот проект за заштита и здружување на силите во служба на заедничката безбедност. Сигурно е дека европската економија се соочува со нови предизвици, но ова е можност за нас да дејствуваме во прилог на промените што се случуваат во областа на одржливиот развој, на обновливите енергии, на борбата против климатските промени и размислување за независноста на Унијата во одредени стратешки сектори. Сегашната криза можеби ќе ни овозможи да одиме напред со преиспитување на одредени премногу крути сметководствени пристапи во прилог на нови инвестиции за иднината, како што Франција посакуваше одамна.

ЕУ ОДВОИ СРЕДСТВА ЗА ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ НА ЕВРОПСКИТЕ ЗЕМЈИ, ВКЛУЧИТЕЛНО И НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА. ДАЛИ ЕУ ПЛАНИРА ДА ИМ ПОМОГНЕ НА ЗЕМЈИТЕ КАКО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА АКО СИТУАЦИЈАТА НА КРАЈОТ СЕ ВЛОШИ?

Франција, преку изјавите на својот претседател, веќе го привлече вниманието на земјите-членки уште пред пандемијата за потребата да се обезбеди поголема поддршка кон балканските држави на кои се однесува можноста од идно проширување. Сè уште се прават напори и тие се земени во предвид повеќе од кога било во новите буџетски проекции што наскоро ќе ги донесе ЕУ. Таа е веќе прв инвеститор и давател на помош во регионот. Се развиваат и усвојуваат серија големи проекти за поддршка на новата зелена економија: се работи за стратешки избор кој одговара на волјата на населението на Балканот и на интересите на ЕУ. Франција е целосно вклучена во тие проекти преку стратегијата што ја побара претседателот Макрон и која наскоро ќе резултира со вклучување на нашата Француска агенција за развој.